НАТО е заинтересиран да бидат донесени клучните одлуки што треба да се донесат, а се однесуваат на интеграцијата на земјата во Алијансата, порачал шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија Зоран Јанковиќ на денешните средби со претставници на БЕСА и на Алијансата на Албанците во македонското Собрание.
Јанковиќ во изјава за МИА потврди дека имале и дека во наредниот период ќе имаат средби со сите политичките партии застапени во парламентот.
– Најбитна е одлуката за приклучување на земјата во НАТО. Тоа е нашата клучна порака. Парламентот мора да донесе одлука за земјата да го направи клучниот чекор за присоединување во НАТО. Генералниот секретар досега многу пати има изјавено дека тоа е клучниот чекор за земјата да ги отвори портите кон НАТО – рече Јанковиќ.
Според него, доколку Собранието што поскоро ги изгласа уставните амандмани Протоколот за пристапување во НАТО би требало да биде подготвен во јануари.
Јанковиќ е оптимист дека Договорот од Преспа ќе помине во Македонија.
– Ние сме оптимисти дека земјата, партиите, го разбираат значењето на моментот, значењето на интеграцијата во НАТО и одлуката која пратениците треба да ја донесат – рече шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија Јанковиќ.