Во Македонија не е увезено небезбедно месо од „Валомел“

184

На македонскиот пазар не е реализиран узвоз на небезбедно месо од белгиска компанија „Валомел“, која според пишувањата на некои медиуми, наводно извезувала небезбедно месо на косовскиот пазар, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА.

Како контакт точка на Системот за брзо предупредување за небезбедна храна и храна за животни на ЕУ, АХВ досега нема добиено нотификација дека оваа белгиска месна индустрија има пласирано небезбедно месо во Македонија. Во земјава од Белгија, од други месни индустрии, во првите два месеца од годинава се увезени 228.860 килограми месо и преработки од месо, а во 2017 година, извршен бил увоз на 928.570 килограми.

– Месото и преработките од месо кои се увезуваат во Република Македонија се безбедни. Инспекциските служби вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се прави и преглед на идентитет и физички преглед на пратките. Во рамки на мониторинг програми и при сомнеж, од пратките месо кои се увезуваат се земаат и мостри за анализа. За нив не се дозволува увоз, тие се ставаат под надзор додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна – велат од АХВ.

Во случај на позитивни резултати од лабораториските анализи, пратката се враќа во земјата на потекло или нештетно се уништува во присуство на официјален инспектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...