Од вкупно 66 барања, 25 лица добија амнестија од Кривичниот суд за настаните поврзани со 27 април 2017 година во Собранието. Останатите имаа право на жалба до Апелацискиот суд. Таму сѐ уште не стигнал ниту еден предмет со жалба за одбиената амнестија, а од Кривичниот суд најавуваат дека денеска ќе почнат да ги испраќаат оние жалби за кои е комплетна документацијата.
Колку точно лица од одбиените поднеле жалби засега не се знае бидејќи сѐ уште нема потврда дека сите странки ги примиле решенијата со одлуките на Кривичен.
Обвинетите, осудените и осомничените имаат рок од три дена да поднесат жалба, потоа Апелација има три дена да се произнесе дали некој од првично одбиените ќе добие амнестија.
Бидејќи од Основниот суд Скопје 1 најавија дека до крајот на работното време ќе почнат да ги испраќаат оние жалби кои се комплетирани, тоа значи дека првичните одлуки од Апелацискиот суд треба да се очекуваат најдоцна до петок.
Од најпознатиот случај поврзан со „крвавиот четврток“ кој се води за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во кој обвинети за тоа дело се 31 лице и двајца за помагање, амнестија добија 15 обвинети. На 13 лица барањата им беа одбиени, а петмина воопшто не побараа.
Амнестирани во овој случај се: Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Илија Славески и Митре Питроповски.
Побараа, но не добија амнестија: Горан Јошевски-Леви, Александар Василевски-Нинџа, Горанче Ангеловски Ќосето, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Никола Митревски-Кољо, Вилијам Михајловски, Митко Пешов, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Младен Додевски, Влатко Трајков, Оливер Поповски.
Воопшто не побараа амнестија пет лица: Митко Чавков, Душко Лазаров, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ.
Амнестија бараше и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски, кој е осомничен за „здружување заради непријателска дејност“, но тоа дело не подлежи на амнестија, па неговото барање беше отфрлено.
Во останатите случаи судот амнестираше уште 10 лица кои се осудени за учество во толпа, а 27 барања беа одбиени. Меѓу одбиените е и напаѓачот на Радмила Шекеринска, Панче Ангелов кој беше осуден за насилство на четири години затвор.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI