Касами и Села само си билдаат рејтинг, нема да го урнат двотретинското мнозинство

Претходно и премиерот Зоран Заев искажа оптимизам дека двотретинското  мнозинство во Собранието пред завршното гласање на уставните измени нема да биде доведено во прашање, а дека бројката на пратеници кои ќе застанат зад договорот ќе се знае на денот на гласањето.

1501

Македонското Собрание можно е уште утре да ги изгласа уставните измени според Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, а со кои е предвидено и промена на името на државата во Северна Република Македонија, велат неофицијално собраниски извори за Плусинфо.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во расправата за, како што велат, промена на уставното име на државата, па се очекува изјаснувањето на народните избраници за спроведување на Преспанскиот договор да заврши многу побрзо.

Нашите извори уверуваат дека завршницата ќе биде успешна и покрај обидите за опструкција и одолговлекување на последното гласање за промена на Уставот преку маркетиншки потези на опозициските партии на Албанците кои ја условуваат својата поддршка на Договорот со Грција со свои барања.

Партиите Беса на Касами и Алијанса за Албанците на Зијадин Села бараат Македонија да се дефинира како мултиетничка држава, албанскиот јазик да биде официјален на целата територија и да се избрише зборот „македонско“ од државјанството. Откако овие барања на Касами и Села излегоа на површина, беа засилени со нови условувања од исклучените пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои претходно гласаа за промена на Уставот. Тие во парламентот функционираат како независна пратеничка група која за своите осум гласа бараше од владејачкото мнозинсто цврсти гаранции со кои ќе се зајакне македонскиот идентитет во договореното со Грција. Неофицијално, велат дека нема да дозволат на прагот од последното гласање во парламентот, во последен момент некој да го гази и да го брише македонскиот идентитет.

Горан Мисовски, потпретседател на Собранието во пресрет на последното гласање за уставните измени нема дилеми дека процесот ќе биде окончан во предвидениот рок и дека Собранието ќе ја исполни својата обврска.

– Македонија сигурно чекори по евроатлантскиот пат, пратениците ќе обезбедат двотретинско мнозинство за уставните измени согласно Договорот со Грција, државата ќе стане дел од големото семејство и 30. земја членка на НАТО – вели Мисовски.

Претходно и премиерот Зоран Заев искажа оптимизам дека двотретинското  мнозинство во Собранието пред завршното гласање на уставните измени нема да биде доведено во прашање, а дека бројката на пратеници кои ќе застанат зад договорот ќе се знае на денот на гласањето.

Во врска со барањата на Беса и на партијата на Села, денеска се огласи и вицепремиерот Бујар Османи. Тој порача дека најлошата услуга што во моментов би се направила за Албанците е да се прати порака дека тие го кочат членството на Република Македонија во НАТО. Османи изјави дека има чувство како да постои скриена рака која сака да го уништи целиот процес, но додаде дека не би сакал „албанските политички партии поради наивност или поради неснаоѓање во ваквите тешки политички процеси да бидат перцепирани како делови на тие скриени намери“.

– Нема поважен етнички интерес за Албанците од членството на Македонија во НАТО. Тоа е поголем и поесенцијален интерес на Албанците над секој друг етнички интерес во моментов, бидејќи тоа е гаранција дека Албанците ќе бидат дел од западноевропското семејство на вредности кон кое со генерации тежнеат – порача Османи.

По изјавата на вицепремиерот за европски прашања пратеникот Фадил Зендели од Беса излезе со тврење дека неговата партија не е кочничар на македонските евроинтеграции, ниту на членството во НАТО, а на Османи му порача да ги праша Албанците дали сакаат во делот за државјанството да бидат запишани како Македонци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...