Објава на јапонскиот милијардер Јусаку Маезава на Твитер го собори рекордот во споделувања – вкупно пет милиони, со што го надмина скорешниот твит на американскиот тинејџер Картер Вилкерсон.
Младото момче тоа го постигна со едноставна молба – објавата да биде споделена 18 милиони, заради едногодишно бесплатно добивање оброк во познат американски синџир ресторани. Но, стигна „само“ до бројката од 3,5 милиони реобјавувања.
Маезава, сопственик на синџирот маркети „Зозотаун“, се пофали на Твитер за продажбата за време на новогодишните празници и дека по тој повод ќе им подели 100 милиони јени (900.000 долари) на некои од оние што ќе ја споделат неговата објава. Така твитот досега собра над пет милиони споделувања.
Јапонецот, е пријател на американскиот милијардер Илон Маск, и е избран да оди на првиот туристички лет кон Месечината закажан за 2023 година. Последен пат човек отиде на Месечината во 1972 година, при мисијата „Аполо 17“.