И во наредните денови времето ќе биде студено, со обилни врнежи од снег, повеќе во западните делови од земјата. Денеска е сончево, со мала до умерена облачност, а ноќеска се очекува зголемување на облачноста, ќе дува и умерен ветер од југозападен правец. Максималните температури денеска ќе достигнат од минус 8 до 2 степени Целзиусови, а во Скопје до минус 1 степен – прогнозира Душанка Танушевска, дежурен синоптичар во УХМР.
Утре минималните температури ќе се спуштат од минус 10 до минус 3, а максималните ќе бидат од минус 5 до 2 степени.
– Од утре и задутре ќе бидеме под влијание на влажен и студен бран, со нови и обилни врнежи од снег, особено во западните делови и со нова снежна покривка од 10 до 30 центиметри во пониските места, додека на планините ќе наврне и над половина метар снег. Поради ниските температури, можна е појава на голомразица – вели Танушевска.
Снежната покривка во Македонија е највисока во Маврови Анови каде се измерени 66 центиметри. Во Крушево има 27 центиметри снег, 23 се измерени во Тополчани, 21 во Битола, 14 Попова Шапка и 11 центиметри во Лазарополе и Пожаране.
Во наредните денови нѐ очекува стабилно и суво време со ниски температури, а по котлините ќе има и услови за магла.