Ќе ја биде ли работава, комшија?

Режимот на Груевски (и Ахмети, Ѕинго, Амди...) создаде систем што новата власт (не е веќе ни нова) го освои, наместо да го збрише од лицето на земјата. И... Чекор по чекор, се претопува во него. Тоа е национално единство? Хм...

947

Влегувам во такси утринава, човекот ме препознава и разговорот веднаш почнува. Чудо како може петминутно возење низ скопските улици да биде повредно и посодржајно од дводневна експертска конференција…

„Ќе ја биде ли работава?“ – ме прашува таксистот. Неговото прашање е како ехо што се одбива многу пати од искршената површина на македонската реалност, безброј пати слушнато во годините на отпорот против режимот на Груевски.

„Гледаш и самиот“ – му велам уморно.

Купувам дневна доза никотин и „Слободен печат“ во продавницата, кај комшо. Ехото се повторува и понатаму:

„Ќе ја биде ли работава?“ – ме прашува комшо.

Истите зборови, со истата интонација… Резигнирано…

„Гледаш и самиот“ – го повторувам истиот одговор од пред 10 минути, се чувствувам како и самиот да сум станал ехо.

Во кафулето од каде што ви пишувам речиси секој ден, се среќавам со познаници и пријатели. Веќе претпоставувате:

„Ќе ја биде ли работава?“ слушам уште најмалку два-три пати пред да завршам со „рафалот“…

Разговорот никогаш не се задржува на прашањето што самото по себе значи дека нешто многу сериозно не е в ред. Разговорот најчесто продолжува со лични примери за тоа како старите навики останале, како не се промениле многу работи, како „Животот“ дошол само за малкумина и како од тој „Живот“ најмногу се офајдија токму тие што ги уривавме со години.

Луѓето имаат сѐ помалку разбирање за тоа дека „така мораше да биде“. Сфаќаат дека „помирувањето“ е неопходно, но не можат да ја разберат, а уште помалку можат да ја прифатат амнестијата на злосторничката банда.

Овие разговори најчесто имаат три поглавја. Првото е дека старите навики останаа, дека вмровците сѐ уште се на клучни позиции и дека амнестија во овие размери е неприфатлива. Второто е, донекаде, помирување со тоа дека нема правда за криминалната банда, но горчина поради тешкиот живот, коруптивните скандали и отсуството на реформи во сите останати сфери на животот. Отприлика:

„Ајде, нека ги амнестираат сите, ако е за повисоки цели, ама што правиме со здравството, образованието, економијата, платите, социјалата…?!

Што правиме со партиските вработувања, тендерите, корупцијата?! Што правиме со јавашлакот, ароганцијата, претераната бирократија, двојното оданочување, со законите што останаа да им служат на богатите, со судовите, со шалтерите, со глупавите мерки, со мачкањето очи, со плати-па-жали-се…?!“

На почетокот од третото поглавје од секој разговор со тресок одекнува прашањето: „Па дали треба да се врати претходната власт? Подобри ли беа Грујо и Фамилијата?“ Тоа е мигот кога разговорот доживува пресвртница.

„Неееее!“ – е првата реакција, за потоа да се западне во блага летаргија.
И… Тоа е стапицата.

Денот продолжува по инерција, со безброј сопки, снаоѓање и маневри без крај, бесмислено губење време, вести за уште некој починат во најблиското опкружување или покана за забава по повод заминување на уште еден роднина, колега или пријател во странство. И многу шум од лажните вести, спиновите и говорот на омразата што одамна излегоа од контрола. За тоа време, лажните пророци, грижливо профилирани во агитпроп машинериите, платени со наши пари, но и со рубљи, го освојуваат просторот и го загадуваат умот. Збунетост, конфузија и разочарување.

Решение? Има. Наместо да се губи време на објаснување и креирање простор за ненаситните уценувачи, може да се почне со спроведување на реформите.

Режимот на Груевски (и Ахмети, Ѕинго, Амди…) создаде систем што новата власт (не е веќе ни нова) го освои, наместо да го збрише од лицето на земјата. И… Чекор по чекор, се претопува во него. Тоа е национално единство? Хм…

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...