Како резултат на спроведувањето на програмата ROMACTED „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ се очекува општините учеснички да задржат консолидарни капацитети за да продолжат да ги задоволуваат потребите на Ромите како што се одржливи локални акциони планови и едношалтерски систем кои го олеснуваат пристапот на Ромите до јавните услуги, беше заклучено на денешната конференција за промовирање на програмата на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво.
– Со ова даваме сигнал како Влада дека учеството на Ромите во креирање на политиките е многу важно – нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Таа посочи дека тоа е само декларативна заложба ако станува збор само на централно ниво и се додека таа заложба не се преточи на локално ниво и немаме директно учество за ромските граѓански организации во креирање на локалните политики секој чекор и секоја мерка да биде координирана со нив до тогаш нашата заложба ќе остане само заложба без истата да биде преточена во пракса.
– Токму затоа сметам дека соработката со Советот на Европа и ЕУ во целиот овој проект значи партнерство што не движи кон демократска и инклузивна Македонија, како европска држава во наредниот период – истакна Царовска.
Аксел Ахмедовски, министерот без ресор задолжен за имплементација за Стратегијата на Роми, посочи дека за реализација на програмата, како и за имплементација на локалните акциски планови Владата има обезбедено три милиони денари во рамки на буџетот на Министерството за локална самоуправа за 2018 година.
– Се гради политичка волја за да се стимулираат локалните власти.Тоа е еден од главните предизвици на оваа програма – посочи Никола Бертолини раковидител на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ.
Тој потенцираше дека и покрај многуте интервенции, дискриминацијата и исклучувањето на Ромите се уште постојат во општините во Македонија.
Дванеасет предложени општини за избор за спроведување на ROMACTED се Берово, Битола, Гостивар, Велес, Виница, Дебар, Кичево, Кочани, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип. Градоначалниците на овие општини присуствуваа на конференцијата.