Третата и последна фаза од имплементацијата на Преспанскиот договор започнува в среда, на 9 јануари кога е закажана седница на Собранието за усвојување на уставните измени.
За да помине текстот на амандманите на Уставот предложен од Владата треба да биде поддржан од 80 пратеници. Премиерот Зоран Заев е оптимист дека ќе успее да го обезбеди потребното мнозинство во Собранието пред гласањето на уставните измени.
Заев деновиве има средби со лидерите на албанските опозициски партии Беса и Алијанса за Албанците кои единствено поднесоа амандмани на уставните амандмани во предвидениот законски рок, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува во измените.
Работни групи од БЕСА и владата ќе се сретнат утре за да ги испеглаат ставовите за амандманите кои ги предлага партијата во рамки на уставните измени, објави Телма. Работната група на БЕСА ќе биде составена од пратеникот Фадил Зендели, и двајцата потпретседатели Кастриот Реџепи и Ајранит Хоџа.
– Двете опозициски партии од албанскиот блок досега беа конструктивни во однос на процесот на уставни измени. Дел од нивните сугестии се вградени. Сите политички партии силно го поддржуваме процесот на евроатланските интеграции, но со нив ќе разговараме и за оние работи за кои имаат резерви – рече Заев