Ничиј имот и ничиј живот не смее да биде жртва на организираното насилство и дивеење, со кое противниците на новиот закон за двојазичност го изразуваат својот политички став. Насилството, освен што е израз на националшовинизам и погубна омраза, е казниво. Затоа, Владата, Претседателот на државата и МВР се должни да ги преземат сите потребни дејствија бранот на насилства да запре. Веднаш!
Од една страна, за разлика од режимот на Никола Груевски, кој често насилно го задушуваше правото на мирен протест, новата власт мора со сите расположиви сили да го одбрани. Сме протестирале и знаеме дека не е едноставна задача да се одржи мирот во такви ситуации, но нашата полиција има „дебело“ искуство во постапувањето. Ако сака и ако е мотивирана, таа може (а во случајов и мора!) да го штити правото на мирен протест, но ако сака, може да се однесува и како што се однесуваше на 27 април лани. Значи, да бидеме кристално јасни – правото на политичко несогласување и на мирен граѓански протест е една од врвните вредности за кои се боревме и која мора да ја одбраниме и сега, кога ја ползуваат луѓе кои нѐ сметаат за лути политички противници.
Од друга страна, никој не смее да предизвикува насилство, конфликти и нетрпеливост помеѓу граѓаните. Никој не смее на граѓаните да им се заканува, да им врши притисок, да ги уценува, да ги оцрнува и да ги принудува да го променат своето политичко мислење. Затоа, полицијата има сериозна обврска да ги штити физичкиот интегритет и имотот, но не само на пратениците и на министрите, туку и на сите други јавни личности кои имаат став различен од оној на сегашната опозиција што протестира.
Свој придонес кон смирување на страстите очекувам да даде и лидерот на опозицијата, новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Од неговиот претходник, Никола Груевски, можат да се очекуваат неконтролирани реакции, но Мицковски сега има поголема одговорност. На е доволно да се изрази „жалење“ за настаните, особено кога тоа и не звучи баш искрено. Во својата последна изјава Мицковски вината за зовриените страсти ја префрла на премиерот, на министрите и на „таканаречениот“ претседател на Собранието. Таа реторика е потпалувачка и води не само кон оправдување, туку и кон поттикнување на насилството. Еден сериозен политичар ги избира зборовите зависно од приликите.
Но, ако донекаде може да се разбере желбата на Мицковски да ја искористи ситуацијата и да го подигне рејтингот, нема никакво оправдување за поведението на претседателот Ѓорге Иванов, кој ги презеде не само прерогативите на шеф на државата (на што има право), туку и на уставен судија, па дури и на неформален татко на македонската нација. Иванов мора да знае дека тоа е еден страшно опасен филм, во кој главната ролја (падре национале) носи огромна одговорност и ризици. А ние знаеме дека тој, за жал, не им е дораснат.