„Вашингтон пост“: Под притисок на САД Тачи ветил укинување на таксите

424

Под притисок на американската администрација на претседателот Доналд Трамп, косовскиот претседател Хашим Тачи ветил дека ќе преземе значаен чекор кон решавање на ескалирачкото одмерување на силите со Србија, пишува „Вашингтон пост“.

Во текстот се наведува дека Трамп невообичаено директно им се обратил на српскиот и косовскиот лидер со тоа што лично им испратил писма во кои ја навестува можноста дека мировната церемонија би можела да се одржи во Белата куќа.

Американскиот весник наведува дека Тачи на 21 декемеври, неколку дена по добивањето на писмото од Трамп, отишол во Берлин каде се сретнал со амбасадорот на САД Ричард Гренел, човек од доверба на Трамп.

Тачи тогаш ветил дека ќе го смени курсот кога станува збор за таксите кои Приштина ги воведе на целата српска стока, а на состанокот отишол со тројца соработници.

Гренел од Тачи побарал нормализација на односите меѓу Белград и Приштина и директни преговори, велат американски функционери. Весникот додава дека тој не се сретнал посебно со српскиот претседател Вучиќ.

– Тачи и јас разговаравме за значењето на долгорочни одлуки, а не краткорочни реакции. Драго ми е што се согласи и што се обврза дека ќе работи на укинување на тарифите кои неодамна беа воведени за српските производи, изјавил Гренел за „Пост“.

Овој чекор би помогнал да се испратат вистински сигнали дека Тачи е сериозен кога станува збор за преговори, додаде Гренел кој беше портпарол и советник на Џон Болтон, актуелниот советник за безбедност на Белата куќа.

Тачи во изјава за „Вашингтон пост“, на англиски и преку мејл во петокот, рекол дека е „подготвен да разгледа укинување на таксите ако за Косово се отвори јасен пат за продолжување во насока на постигнување конечен мировен договор со Србија“.

„Вашингтон пост“ констатира дека Тачи не може сам да ги укине таксите и оти се соочува со противење на косовскиот премиер и понекогаш политички ривал Рамуш Харадинај, но оти САД го сметаат неговиот гест за прв чекот во насока на деескалација на тензиите и можно враќање кон она што се чинеа најплодни напори во текот на десет години за постигнување конечен мировен договор

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...