Годината 2019 е за реформи

Што е актуелно за 2019 година која тек почнува. Реформите. Од каде треба да се почне? Од почеток, бидејќи до сега реформите не се почнати. Да почнеме со реализација на Програмата за работа на Владата 2017-2020. Мислам дека редно е да се почне со реформи на правосудниот систем.

455

Мојата претходна колумна ја завршив со текстот: „Што нѐ очекува во новата 2019 година? Најверојатно ќе се занимаваме со  имплементација на Договорот со Грција после неговата ратификација во Грчкиот парламент. Што друго? Реформите! Реформите мора да почнат… Време е… Нека наредната 2019 година биде година на реформи…„ Од таму кај завршив во претходната со оваа колумна ќе почнам.

Кој се сеќава на извештајот на Прибе за време на владеењето на Груевски, на Советот за судски реформи формиран во март 2018 година на чело со премиерот Зоран Заев, на планот за реформи 3-6-9, па на планот 18 и тн. и тн. Заборавивме дека нешто се случило! Всушност ништо не се случило, едноставно заборавивме на реформите за што постојат повеќе неоправдани а помалку оправдани причини. Втората половина на 2017 година помина во етаблирање на новата власт на СДСМ и ДУИ по рушење на режимот на Никола Груевски, со договорот за пријателство со Бугарија и многу очекувања на македонската јавност. Цела 2018 година помина во духот на Преспанскиот договор за името со Грција и на 9 мај 2019 година истиот ќе финализира со промени на Уставот спрема барањата на Договорот.

Што е актуелно за 2019 година која тек почнува. Реформите. Од каде треба да се почне? Од почеток, бидејќи до сега реформите не се почнати. Да почнеме со реализација на Програмата за работа на Владата 2017-2020. Мислам дека редно е да се почне со реформи на правосудниот систем. Да потсетам,  во споменатата програма на Владата, таа се одлучила за уставни реформи на Судскиот совет, за темелни реформи во јавното обвинителство, за зголемената транспарентност на управните судови; имплементација на европските стандарди и заштита на човековите права меѓу кои мерки е и законски измени за реформи на Комисијата за заштита од дискриминација,  онаа во стар состав што му издаде на Никола Груевски потврда дека бил дискриминиран во Македонија врз основа на која доби политички азил во Унгарија; измени на Законот за референдум,  оној по кој се спроведе неуспешниот референдум за Договорот со Грција на 30 септември 2018 година; професионална полиција за безбедност на сите граѓани, онаа полиција на која и побегна Никола Груевски;  расветлување на Кумановските настани од 2015 година, кои не е ниту почнато; реформи во Управата за безбедност и контраразузнавање според препораките на Прибе, која не е почната и други предвидени мерки со Програмата што не се почнати.

Според Програмата, реформа на медиумите опфаќа слободни медиуми со создавање на медиумски простор за независно и објективно информирање. Сведоци сме дека многу дневни и неделни весници  ја подржуваат опозицијата партијата ДПМНЕ и не се независни ниту објективно информираат, дури и’ прави штета на власта со лажни вести, такви се весниците Нова Македонија, Вечер, неделникот Република, Курир, ТВ Алфа а МРТ која се финансира целосно од буџетот со укинување на радиодифузната такса продолжува да (не)работи по старо со главен уредник од ДПМНЕ! Во сферата на медиумите ништо не се случило, нема реформи и се’ е по старо. Козметичките измени на Законот за медиуми ништо не реши.

Со Програмата е предвидено јавната администрација да биде сервис на граѓаните преку создавање на стручна и ефикасна,  отчетна и транспарентна организација која ќе обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и бизнис–секторот; стручност при вработувањето; администрација која ќе се ослободи од партиските стеги, почитувајќи ги начелата на законитост и непристрасност при вршење на должноста. Во рамите на реформите во администрацијата со Програмата е предвидено воспоставување јавен регистар за администрацијата, воспоставување на нов систем за оценување на јавниот сектор, зголемување на платите во јавниот сектор, воведување на единствен електронски систем во кој ќе бидат поврзани сите државни институции по урнек на скандинавските земји и законски измени за обезбедување на кратки и ефикасни управни постапки контролирани од Државниот управен инспекторат. Од ова ништо не е реализирано во време на отпочнување на третата година од мандатот на Владата на СДСМ и ДУИ.

Кога сме кај реформи на јавната администрација мораме да споменеме дека во Програмата на Владата не е предвидено намалување на бројот на јавната администрација и нејзина рационализација и сведување на бројноста на администрацијата на некое оптимално ниво. Премиерот Зоран Заев пред изборите  јавно објави дека нема да се намалува бројот на вработените во јавната администрација, во Програмата на Владата не е предвидена таква мерка за намалување на администрацијата што во пракса тоа и се спроведува. Владата порано објави податок дека во јавната администрација се вработени 130 илјади административци, но не објави дали во оваа бројка се содржат и привремено вработените административци по договор за дело. Не само што Владата не го намали бројот на вработените во администрацијата, тој остана исти, но што е полошо таа вработува нови партиски луѓе исто како што правеше претходната влада.

За плати и надоместоци во Буџетот за 2019 година се предвидени 461 милион евра кои се повисоки од претходната година за 20 милиони евра и тие учествуваат со 13% во вкупните расходи. Како што тргнала работата не може да се предвиди дали ќе има реформи во администрацијата со тоа што е најавено зголемување на платите за 5% на постојната прекубројна администрација, а со тоа се зголемуваат и непродуктивните трошења за плати наместо за други покорисни намени. Само мерката зголемување на платите на администрацијата ќе биде реализирана, што би требало да биде последна после  остварување на реформите во администрацијата.

Со еден збор да заклучиме, реформите во ниту еден сектор не се почнати.  До сега можеби и би можеле  Владата и премиерот Зоран Заев да се оправдаат дека биле зафатени со решавање на проблемот за името со Грција и обезбедување на влез на Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ, што треба да се случи во текот на 2019 година. Меѓутоа понатамошното одлагање на реформите во сите сектори каде тие се потребни, нема никакви оправдувања и реформите мора да почнат. Македонската јавност со право ќе биде јако незадоволна доколку Владата не се посвети на долго очекуваните и ветени реформи, посебно кога Владата нема никакви адути за оправдување.

Да го потсетам премиерот Заев дека има министри во неговата влада задолжени за разни сектори, како што е вицепремиер задолжен за евроатлански интеграции, министер за правда задолжен за реформа во правосудниот систем и обвинителството, министер за внатрешни работи задолжен за безбедноста на земјата, министер за администрација и информатика задолжен за реформа во јавната администрација, министер за ова или она секој задолжен за својот ресор. Должноста на премиерот е да координира и да бара секој министер и  министерство да си ја вршат својата работа и да бара одговорност од секој од нив. Нека премиерот биде диригент и го диригира оркестарот составен од министри и министерства, без диригент оркестарот е расштиман и продуцира музика што никој не сака да ја слуша.

Не треба многу да попуваме, премиерот Заев си ја знае работата. Само да го потсетиме дека реформите се на ред во оваа веќе почната 2019 година… Време е за реформи, нема повеќе одлагање …

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...