Папата Франциско денеска ги повика европските лидери да прекинат со препукувањата во врска со судбината на 49 мигранти „заглавени“ на два хуманитарни спасувачки брода во Средоземно море.
– Искрено ги повикувам европските лидери да покажат конкретна солидарност кон тие луѓе – рече Папата на плоштадот пред десетина илјади луѓе.
Потпретседателите на италијанската Влада, Луиџи ди Мајо и Матео Салвини излегоа со спротивставени ставови во врска со судбината на мигрантите, кои се „заглавени“ на море.
Лидерот на италијанското Движење пет ѕвезди, Ди Мајо инсистира Малта да им дозволи на мигрантите да пристигнат до нејзиниот брег, а Италија да прими десет жени и нивните деца, додека неговиот коалициски партнер и лидер на Северна лига, Матео Салвини порача дека Италија нема да прифати ниту еден мигрант.
На бродот „Си-воч 3“ (Sea-Watch 3) се наоѓаат 32 мигранти, кои на 22 декември беа спасени во близина на либиското крајбрежје, а неколку дена подоцна приватен брод спаси уште 17 мигранти на југ од Средоземно море.
Малта не дозволува мигрантите да пристигнат на нејзиниот брег и тврди дека тие се спасени надвор од областа за спасување, која не е под нејзина надлежност.