Шефот на кабинетот на Пентагон поднесе оставка само неколку недели по оставката на министерот за одбрана, Џим Матис потврди денес американското Министерство за одбрана.
– По две години во Пентагон, одлучив дека е вистинско време да се вратам во приватниот сектор, соопшти заменик адмиралот Кевин Свини, кој ја вршеше должноста од јануари 2017 година.
– Беше чест да служам и да работам заедно со мажите и жените од Министерството за одбрана – додаде тој.
Оставката на Свини следи по онаа на Џим Матис кој отстапи на 20 декември откако претседателот Доналд Трамп најави повлекување на војниците од Сирија.
Матис, кој на чело на Пентагон беше две години, имаше намера да замине во февруари, но Трамп одлучи да се реши од него и порано, по острото писмо на Матис во кое покрај оставката изрази и несогласување со претседателот.
Тој одлучи да си отиде по ненадејната одлука на Трамп да ги повлече сите американски војници од Сирија, како и половина од 14.000 војници од Авганистан.
Трамп одлуката ја образложи со високата цена на ангажманот во животите на американските војници и парите на даночните обврзници. Матис го замени Патрик Санахан, заменик на поранешниот министер.
Њујорк Тајмс, како кандидати за министер ги споменува поранешниот демократски сенатор Џим Веб, републиканските сенатори Том Котон и Линдси Греам и поранешниот републикански сенатор Џим Талент.
Фото: EPA/US ARMY/MONICA A. KING HANDOUT