Со механизација и рачно се чисти снегот во Скопје

458

Екипите на зимската служба на Град Скопје интензивно работат на терен на расчистување на снегот од коловозите и тротоарите на градските улици и булевари, информираат од Градот.

– Покрај коловозите, екипите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ на терен со механизација и рачно го чистат снегот од тротоарите, додека екипите на ЈП „Водовод и канализација“ работат на чистење на сливниците. Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите, соопшти Град Скопје.

Од таму додаваат дека обезбедиле 4.000 тони сол, што заедно со преостанатите количества од минатата сезона изнесува  4.500 тони сол, како и 300 тони ладен асфалт.

Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде ЈП „Улици и патишта“ со целокупната механизација и расположивиот кадровски потенцијал. И оваа сезона Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони, кои се опремени со навигациони уреди и возачи кои ќе ги опслужувааат перманентно во текот на целата сезона.

– Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти, стои во соопштението.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...