Според евроамбасадорот Семуел Жбогар, преговорите кои се водат со јужниот сосед и спорот околу името на Република Македонија одат во добра насока, а ЕУ нема да се ангажира директно врз тој процес.
Со овој став, Жбогар одговори на новинарско прашање во врска со евентуална промена на форматот на преговорите и вклучување на европската дипломатија.
– Преговорите за прашањето со името под покровителство на ОН, течат добро. Сметам дека тие во овој формат треба и да продолжат. Така што не очекувам дека промената на форматот на преговорите ќе придонесе кон постигнување на договор и решение за прашањето со името. Сметам дека таа одлука, односно решение треба да ја донесат двете инволвирани страни. Во моментов и двете страни се одлучни тоа да го направат. Европската унија е тука да го поддржи процесот и да ги охрабри двете страни да дојдат што поскоро до конечното решение – рече Жбогар, шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија на прес конференцијата по посетата на Гостивар.
Тој ја повтори и изјавата на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер при последната посета на Македонија, дека ставот на ЕУ е да не се ангажира во преговорите.