Климатските промени биле марксистички заговор!

Министерот за надворешни работи на Бразил влезе во својата канцеларија со ставот дека „климатските промени се марксистички заговор“ скован против западните земји и Бразил!

803
grcev

Додека светот ги илуминира ноќите со огномети и други светлински изблици во слава на животот, само малкумина „расипувачи на забави“ остануваат  незаслепени од блесоците на радоста и успеваат да го согледаат растечкото глобално затемнување што веќе непристојно долго време и се заканува на планетата. Пред неполн век оваа закана радосно и гордо самата се нарекуваше „фашизам“, додека глобалното растење на неговото 21-вековно чедо, по историската компромитација на фашизмот во Втората светска војна, сè уште не го нарекуваме по татковото семејно име, туку нагалено, со поими какви што се: „десничарски популизам“, „нелиберална демократија“ и разни други самозамајувачки еуфемизми.

Но, застрашувачки факт е дека сè повеќе либерални демократии не само што ги избираат своите лидери од редовите на „десничарскиот популизам“, туку го менуваат и „однесувањето“ на општествено-политичкиот систем, како да е нешто сосем друго од она што бил: од либерално демократски преоѓаат во тоталитарен команден капитализам со ултранационалистичка програма што се храни и ја поттикнува омразата, гневот и незадоволството на „тивкото мнозинство“, на пауперизираната средна класа. Иако светот веќе ја видел оваа плима на фашистички движења во дваесеттите и триесеттите години од минатиот век, интересно е дека денешново повампирување на фашизмот е сè уште „невидливо“ не само за милијардите обични луѓе, туку и за интелектуалните елити. Како е можна оваа повторена „невидливост“ на една толку чудовишна појава што по вторпат му се заканува со уништување на човештвото?

Точка на гледање

Одговорот на ова прашање е познат уште од почетоците на времето, зашто разумните луѓе одамна сфатиле дека човекот не е во состојба да ги „види“ работите што ги „гледа“, доколку нема предзнаење за нив или доколку нивното постоење барем не го претпоставил. Така е и во науката: додека не се претпостави некоја појава, додека не се создаде метафора за неа, ниту една научна теорија не е можна и ниту една појава не може да биде согледана и објаснета. Но, најневидливите феномени во природата, исто како и најневидливите апстрактни идеи во науките, се оние појави во кои сме целосно нурнати, зашто основната операција во сите човекови „прогледувања“ е децентрацијата. За да согледаш нешто, за да решиш некој проблем, единствен пат е да „излезеш“ од него, за да го согледаш од страна. Изместувањето на точката на гледиштето вон центарот на појавата, е единствениот метод со чија помош е можно мисловното согледување на нештата.

Тоа е и решението на мистериозната „невидливост“ на фашизмот: општествата на капиталистичката либерална демократија не можат да го забележат ова чудовиште зашто тоа се самите тие, па фашизмот не само што секогаш се раѓа од кризата на капиталистичката либерална демократија, тој всушност е една нејзина форма или – како би ја нарекле хемичарите – тој е нејзина алотропска модификација (истото што изгледа поинаку и се однесува различно). Така што, глобалното застранување на капитализмот в десно, не е можно да се согледа зашто за последните четири децении светот ја уништи алтернативната левичарска точка на гледиштето, и тоа не само идејата за социјализмот – за комунизмот и анархизмот и да не зборувам – туку се откажа и од единствениот филозофски систем што можеше да ја препознае, да ја објасни и да се бори против чудовишната појава на фашизмот. Со исфрлањето на марксистичката филозофија и на нејзините деривати, човештвото се лиши себе си од интелектуалната алатка со која може да го „забележи“ и објасни новиот планетарен фашизам и, се разбира, се обезоружа себеси од единственото природно и ефикасно антифашистичко оружје што му беше достапно.

Конечно, ако малку ја разбуричкаме плитката хоризонтала на нашата меморија, зарамнета од преобилството на информации што ни ја чинат конфузна и сегашноста, ќе видиме дека и оригиналните фашизми процутеа за првпат како оружје на капитализмот против „заразата на комунизмот“ и „болшевичката наезда“. Поради тоа, фашизмот никаде не се занимавал со демонтажа на капитализмот – кој цутел во секоја фашистичка диктатура, туку со уништување на најлевичарското движење што кога и да е му се заканувало на капитализмот. И, да, наци-фашизмот во Втората светска војна не беше поразен од капитализмот, туку од неговиот единствен природен и смртен непријател – комунизмот, олицетворен во Црвената армија и партизанските движења во окупираните европски земји.

Папата осамен левичар

А, денес…, денес веќе нема левица во земјите што себеси сè уште се нарекуваат либерално демократски. Сите партии, без оглед на нивните имиња и идеолошки атрибуции во нив, се тискаат десно од центарот, па во испразнетата лева половина од политичкиот спектар веќе нема никого…. да се бори против фашизмот. Со светот никогаш не владеело поголемо едноумие од ова денес. А,  напуштањето на лево ориентираната, а ќе да е и секоја друга филозофија од страна на човештвото, на крајот резултираше со предавањето на огромното мнозинство на сиромашни, несигурни, онеправдени и економски поробени луѓе на планетата, на милост и немилост на купчето од 0,00016 отсто капиталистички и политички олигарси. Навистина, што да се зборува за денешната левица, кога единствениот и најавтентичниот левичар на светската политичка сцена е осамениот папа Франциско!?

И, на крајот, ако не ги препознавате знаците на пропаста, почитувани читатели, еве ви еден „тазе“: и Бразил, во низата на најголеми земји – според своите човечки, економски и природни ресурси: Русија, Индија, Кина и САД, избра ултрадесничарски, ултранационалистички и расистички претседател, чијшто министер за надворешни работи влезе во својата канцеларија со ставот дека „климатските промени се марксистички заговор“ скован против западните земји и Бразил! Не ви се римува ли ова со „глобалниот еврејско масонско болшевички заговор“ од времето на „првиот“ фашизам?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...