Во Вевчани деновиве се привршуваат последните подготовки за претстојниот ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ, една од најголемите културни знаменитости во Македонија која од 12-ти до 14-ти јануари го претвора ова место во голема отворена театарска сцена за единствениот спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава! Благодарение на вевчанските василичари, уникатните маски кои за овој настан се подготвуваат во текот на целата година, нивната специфична порака и надалеку познатата вевчанска гостопримливост, живее вековната традиција на карневалот познат ширум светот по неговата архаичност и уникатност.
Градоначалникот на Општина Вевчани, Сашо Јанкоски, најави дека за време на манифестацијата се очекува карневалско дефиле со повеќе од 1.000 маски, потсетувајќи дека „настанот се случува само еднаш во годината на кој се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар. Благодарение на овие учесници кои ние во Вевчани ги викаме Василичари, оваа манифестација важи за најголемиот европски фестивал на сатирата и отворен театар без режија.“ За време на овие денови, Вевчани е подготвено да пречека околу 10.000 посетители кои покрај уникатната карневалска поворка, ќе имаат прилика да уживаат и во дводневната дополнителна програма, музички концерти и уметничка изложба. „Не ја пропуштајте шансата да сте дел од ова доживување. Ваше е само да дојдете, за забавата ќе се погрижиме ние“ – порача градоначалникот Сашо Јанкоски.
Програмата официјално започнува во сабота, на 12-ти јануари со изложбата на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од авторот Анастас Ќушкоски и продолжува вечерта со забавниот дел од музичката програма која ја предводи македонскиот музички великан, групата АРХАНГЕЛ чиј врвен музички квалитет е константа низ повеќе од три децении. Во оваа прилика Вевчани ќе биде домаќин и на регионалната музичка легенда Ненад Милосављевиќ познат како НЕША ГАЛИЈА, фронтменот на славната група „Галија“ која со 40-годишната дискографска кариера остави неизбришлив музички белег на просторот на поранешна Југославија. Музичката програма оваа вечер ќе биде отворена со настапот на рок групата Културно Уметнички Работници, а за позитивната енергија во завршницата на првиот карневалски ден ќе се погрижи Диџеј Рутбој.
Во недела, на 13-ти јануари, попладнето е традиционално резервирано за карневалската поворка на која вевчанските василичари за прв пат ќе ги претстават годинашните маски, кои сѐ до тој момент се чуваат во најголема тајност. Вечерта пак, во пресрет на дочекот на Новата година по стариот календар, посетителите ќе имаат прилика да уживаат и во настапите на групата БАКЛАВА – етно-составот кој остава маркантна трага со својот уникатен фундаментален пристап кон изворната македонска музика и песна, потоа КАТЕ И НЕЛИ ТИ РЕКОВ – веројатно најелегантната дама на македонската фолклорна музика во придружба на нејзиниот бенд, како и најдобрите познавачи на традиционалниот василичарски звук – Џубокс Бенд и Оркестарот зурли и тапани Вевчани.
Карневалот во Вевчани е една од најпознатите карневалски манифестации на Балканот со единствена симболика и традиција која се негува повеќе од неверојатни 14 века и кој според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, исконска традиција, таинственост и уникатни маски.