Во општините Берово и Делчево и годинава ќе продолжи доделувањето на парична помош за сите бебиња кои ќе се родат годинава.
Минатата година од Буџетот на Општина Берово за таа намена биле доделени околу 120 илјади денари. Според градоначалникот на општината Звонко Пекевски, сите новороденчиња родени годинава ќе добијат парична помош од општината.
-Откако претходно парична помош добиваше само првороденото дете во годината, од минатата година како општина донесовме одлука парична помош да се доделува на секое семејство кое ќе добие новородено дете, Оваа пракса ќе продолжи и годинава, а за користење на услугата од страна на родителите е потребно да се достават сооветни документи до општина Берово, како што е барање за добивање еднократна парична помош за новородено дете, фотокопија од лична карта на подносителот, фотокопија од трансакциска сметка на подносителот, фотокопија на Извод од матична книга за родените за детето, но и потврда издадена од надлежен орган дека немаат пријавено привремено претстојувалиште надвор од територија на општина Берово, истакна Пекевски.
Додаде дека барањата за еднократна помош се поднесуваат во општински услужен центар во просториите на општина Берово или во архивата на Општина Берово.
Во Делчево, како што информираат општинските служби, за оваа намена во 2018 година издвоени се вкупно 316 илјади денари. Таму 102 бебиња добиле парична помош од 300 илјади денари, додека првороденото бебе од страна на градоначалникот на општината се здобило со еднократна парична помош од 10.000 денари.