Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против И.А.(56) од село Режановце, кумановско за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“, против Д.Ј.(36) од Куманово, за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ и против С.А.(37) од село Горно Којнаре, кумановско за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „фалсификување службена исправа“.
Во текот на 2010 и 2011 година во атар на село М’глинце, кумановско, од парцела сопственост на третопријавениот, истиот, согласно одобение од ЈП„Македонски Шуми“, извршил сеча на 250 м³ огревно дрво. Потоа, истиот поднел барање за исправка на површината на наведениот имот, за што првопријавениот, како геодет во одделението за катастар на недвижности Куманово, без да излезе на лице место за да ја утврди фактичката состојба, по претходен договор со третопријавениот, ја отпишал целокупната површина од наведениот имот, и запишал нови катастарски парцели, кои имале површина поголема за околу 6.000 м².
Второпријавениот, како раководител на одделението за катастар на недвижности Куманово, не извршил надзор и контрола над работата на првопријавениот, по што била евидентирана промената на сопственоста на имотот на третопријавенот. Со ова, прво и второпријавениот му овозможиле на третопријавениот да се стекне со противправна имотна корист од 700.000 денари, нанесувајќи му притоа штета од 1.750.000 денари на шумскиот фонд на Р.Македонија.