Министерство за здравство информира дека денеска до 15:00 часот вакцинирани се вкупно 939 деца со МРП вакцина. Во моментов, нема нови потврдени случаи на новозаболени лица од морбили (мали сипаници). МРП вакцина е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.
Вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, викендов, на 5. и 6. јануари 2019 година, ќе работат во две смени, во периодот од 07:30 до 19:00 часот. Во понеделник, на 7. јануари 2019 година, овие пунктови ќе работат само прва смена од 07:30 до 13:00 часот.
Апелираме, до сите родители да ги вакцинираат децата со МРП вакцина. Потсетуваме дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје – информираат од Министерство за здравство.
Родителите кои со своите деца ќе одат во поликлиниките на вакцинација, имаат право да го проверат производителот и рокот на траење на вакцината, пред да ги вакцинираат.
Кога беше прогласена епидемија од мали сипаници во скопско Радишани, епидемиолозите предупредија дека само во Скопје има околу 15.000 невакцинирани деца со МРП вакцина, најмногу на предучилишна возраст.
Сега се советува вакцина против морбили да примат од бебиња на шестмесечна возраст до 45-годишници.
Задолжителната имунизација против оваа сипаница почна во 1972 година.