Ритуали, ритуали…
Како оној на првиот ден од новата година. Спиење до доцна. Па кафе, па гледање на Новогодишниот концерт во Виена. Па сарми со буковец и црно вино и скијачки скокови четири скокалници во Оберсдорф. Кои нема да се одгледаат до крај зашто дремка фаќа од топлото и виното и од претходната вечер со пријатели и со повеќе од дозволеното количество храна и алкохол, а мускулите убаво болат од играње и пеење и смеење. Сармите инаку – технички впечаток одличен, и покрај тоа што со басмати ориз правени, но уметнички, катастрофа – сармагедон, што би рекла мојата пријателка Силвија. Зелката кисела купена од лондонско гранапче кое по некои канали ја увезло од Македонија, очигледно може да се користи само за – растурени сарми. Симболично? Типично? Сепак, сармагедонот беше неверојатно вкусен!
Вечерта завршува со успешна домашна мрзлива пита (рецепт на мајка ми) и нешто како руска салата од полско производство која тие ја викаат салатка варживна, марка „о мамо“ ( случајна комбинација). Не прашувајте за баклава. Ене ја во еден агол од кујната. Се гледаме со презир. Длабок презир.
Весници и мисирки
Читањето весници и следењето што сѐ се случува во поблиското и подалечно окружување беше и остана семејна традиција. Евоцирајќи спомени со законитиот откривме дека и двајцата наши татковци заспиваа по ручекот читајќи „Нова Македонија“, па се будеа потоа со дел од текст „отпечатен“ на нивното лице. Сега сме читачи и претплатници на домашни и странски весници и портали, а мене сѐ уште ми е убаво кога ќе земам весник в рака и ќе го читам од прва до последна страница, а во случајот на законитот, обратно. Голем весник, мал весник, форматот не е битен. Битна е содржината и ритуалот на читање. Како можат луѓето без весници, не ми е јасно. „Не држиме“, ми велеа во Пештани и во речиси сите гранапчиња низ мојата прва татковина, каде што весниците ги баравме како мајка ми детергенти под тезга во времето на Милка Планинц. Ама затоа во секое во секое населено место низ Европа имате локален весник. А „држат“ и редица други.
Весниците и медиумите и порталите околу празниците беа полни со тоа кој како и каде – погодувате, ја дочекал Новата година. Па се дозна дека 70% од Британците останаа дома. Замислете милиони Британци со стотици илјади мисирки обложени со ленти од сланина и белгиски купувчиња за да бидат посочни мисирките, не Британците, како во домашна атмосфера се обидуваат да се развеселат. Со веселењето најмногу предничеа лондончани и единбуржани кои уживаа во спектакуларните огномети. Лондонскиот градоначалник Садик Кан успеа и да ги изнервира брегзитџиите зашто во огнометот предничеа боите на Европската Унија – жолтата и сината. Тој спокојно изјави дека им порачал на европските пријатели оти Лондон, метропола во која живеат луѓе од цел свет, а посебно од Европа, е отворен за бизнис со ЕУ.
Бродови, не пици
Но, загрижени се Британците. Сѐ повеќе од тоа што носи иднината. А иднината го носи Брегзитот. Сѐ поблиску и поблиску. Некаде веќе кон средината на месецот парламентот треба да гласа за планот на премиерката Тереза Меј за напуштање на Европската Унија. Непромислен потег, сметаат сега многумина, освен најтврдокорните брегзитџии од конзервативната партија. Минатиот пат гласањето се напушти зашто Меј увиде дека нема да има мнозинство. И овој пат мнозинство нема да има, времето минува, но сепак повторно ќе се гласа. Такви се правилата. Меј се обидува да ги натера оние кои се противат на планот да се изјаснат – ако не ова, што? Ако не вака, како? Ја праќаа во Брисел да моли и да се нагодува за нешто што им беше кажано дека нема да може.
И ако не се изгласа планот на Тереза Меј? Веќе се зборува наголемо за втор референдум… или Брегзит без договор!
И за да се „охрабрат“ Британците да не се сак’лдисуваат премногу, зашто нели, новогодишни празници, владата ги извести дека ќе ја ангажира и војската за да се справи со евентуалните застои и проблеми на границите, како и дека ангажирала поморска компанија која ќе раководи со дополнителни ферибродови. Но за разлика од фактот што земјата има војска, компанијата Сиборн Фрејт, нема бродови. И ајде што нема бродови (а нема), туку се дозна дека условите според кои конкурирала оваа компанија за да го добие тендерот изгледа како да биле „преземени“ од компанија за испорака на храна. Поточно – за пици! На сајтот стои дека на корисниците им се забранува да прават лажни нарачки. И дека за лажните нарачки ќе им биде наплатено и ќе бидат гонети. Опозицијата и медиумите се потсмеваа со набрзина составениот сајт за добивање владин тендер, со копи пејст преземен текст од којзнае кој материјал на некоја прехранбена компанија. Ама ќе имало бродови, вели сопственикот на новопечената фирма. Евентуално во март. Два. А потоа можеби уште два.
А во меѓувреме… Специјалитет на куќата: Сиборн со морски плодови, со мисирка и белгиски купувчиња, семејна порција ве молам. Ах, мал е светот, исти се тендерџиите.