Грк заглави во снег синоќа околу девет часот пред битолското село Кравари. Во изјава за Плусинфо, Кристос Солакис раскажа за неговата лична драма кој се случила на седум километри од Битола, кон граничниот премин со Грција.
– Бев во Битола и кога се враќав, еден камион од спротивната лента поради невремето, премина на мојата страна на движење и излетав од патот. Имаше многу снег. Не можев да излезам од снежниот нанос, па побарав помош и ме извлече камионче од Битола. Ми наплатија сто евра. Но парите не се проблем, важно помош добив. Оти многу е важно да се добие помош на вакво време и во такви услови – дециден беше Солакис.
Но, нему нешто друго не му е јасно.
– Не ми е јасно како на такви времиња дозволуваат ноќе да се движат тешки камиони таму. Мора нешто да се стори со тој пат, да се подобри движењето таму – рече тој.
Неговата лична драма, додаде тој, само му ја потврдила народната изрека – „Пред Божиќ и зад Божиќ, дома да си“. „Кола дрва, кола брашно“.
Тој редовно доаѓа во Битола како и многумина други Грци. Овојпат меѓу другото, си ставал и кредит на телефонскиот број што го има за потреби кога е од нашата страна на границата.
– Си ставаме и бензин кај вас. Сѐ уште не ни е јасно како целото гориво за двете држави доаѓа од Грција, кај нас литар е евро и пол до две евра, а кај вас е близу едно евро. Тоа е нешто ненормално. Многу коли секојдневно одат од Грција да полнат гориво кај вас и пазаруваат. Вашите пак, кои имаат малку повеќе пари, доаѓаат да пазаруваат во „Лидл“ – рече Солакис.