Возило на итната медицинска помош од Прилеп враќајќи се од Скопјe, денеска околу 16 часот излетало на Плетвар, најверојатно поради лошите услови на патот. Возилото, во кое биле 3 лица, сосе пациентот, се излизгало, превртувајќи се два пати и завршило на кровот.
Според изјавите од директорката на Здравствениот дом од Прилеп, Оливера Аџиоска, до несреќата дошло поради лошите услови на патот.
– Во возилото биле 3 лица, еден пациент кој што го зедовме од клиниката за Гастро од Скопје, член на неговото семејство и возачот од Итна помош Прилеп. Иако возилото се превртело два пати, чиста среќа во несреќа е тоа што никој од оние кои биле во него не е повреден. Најверојатна причина за несреќата е лизгавиот пат, бидејќи возилото не се движело брзо и сѐ било в ред. По несреќата, веднаш повикавме екипа на полициската станица од Прилеп која изврши увид на лице место – истакна Аџиоска за infokompas.com.mk
Увидот треба да покаже како се случила несреќата, а поради големи оштетувања возилото е однесено на сервис со шлеп служба.