Во Собрание влегов затоа што целта беше да бидам виден таму, се упатив во салата каде се одржуваа седници, беше полно со народ, беа качени на масата, пееја… Таму некој рече пола да останат пола да се упатат кон прес-центарот. Настојував да излезам надвор, се упатив по едни скали каде мислев дека е излезот, но всушност таму беше прес центарот.
Вака сведок раскажа како на 27 април завршил во прес центарот каде станал очевидец на нападот врз пратеникот Зијадин Села, а потоа и едно од лицата кои помогнале да се извлече Села.
– Летаа предмети, монитори, сталаци. Застанав лево, од спротивниот агол каде беа пратениците. Атмосферата беше бурна, напната… Села беше во ќошот, викаа „убиј го“, „нека умре шиптарот“… – раскажуваше сведокот.
Тој во еден момент разговарал со едно лице, а кога се свртел видел дека Села не е повеќе во аголот, туку легнат на земја опколен од десетина лица како го удираат и шутираат со нозе.
– Се доближив да видам кој е. Не даваше знаци на живот, како го удираа телото само му се помрднуваше, главата и лицето му беа дефоемирани, се обидов да му помогнам се доближив на околу метар и реков абе отиде човекот, дајте да го изнесеме од тука – рече очевидецот.
Тој препозна четворица од десетте обвинети. За еден од нив, викан Тошта посочи дека застанал кај главата на Села и се обидел да ги спречи понатамошните удари и да вика „немојте бе луѓе, застанете“.
– Имав впечаток дека некој треба да се убие таа вечер. Ако примеше Села уште некој удар сигурно ќе беше мртов – рече сведокот.
Тој заедно со обвинетиот викан Тошта и уште тројца од другите обвинети го фатиле Села за раце и нозе и го изнеле од прес центарот. Меѓутоа, освен Тошта двајца од другите обвинети молчеле, а за другиот обвинет, сведокот рече дека немал впечаток оти сака да му помогне туку напротив, како да сака да се фали со тоа што го направил.
Го однеле Села на првиот кат каде еден од обвинетите му задал уште еден удар со ногата буквално врз главата.
Таму сведокот побарал помош од едно лице од обезбедувањето, го внеле во една просторија, каде му го измиле лицето и тогаш за првпат Села дал знаци на живот. Но, и таму одвреме навреме влегувале луѓе и прашувале дали е уште жив.
Бидејќи било опасно да остане таму на помош дошло уште едно лице од обезбедувањето со кое сведокот го изнел Села преку прозор и преку евакуационите скали го однеле на трети кат.
– На третиот кат сите врати беа заклучени освен една. Влеговме таму во канцеларијата 334. Со обезбедувањето набргу дојде едно медицинско лице кое му стави инфузија и рече дека мора итно да се пренесе. Додека бевме таму на Села му ѕвонеше телефонот, мислам дека беше сопругата, му реков да и се јави и да каже дека е добар и евакуиран. Повремено бидејќи бевме на најгорниот кат, излегував на покривот да видам дали има уште луѓе надвор. Се јавив на еден пријател Албанец му кажав дека ни треба помош, тој разговараше и со Села и со лицето од обезбедувањето и ни рече ќе помогне некако. На Села пак му ѕвонеше телефонот, тој се изнервира ја извади инфузијата и почна да му тече крв на тоа место. Го преврзав со тоалет и селотејп, а со влажни марамици му го избришавме лицето, очите не му се гледаа – раскажа сведокот.
На тоа место по час-час и половина за да ги евакуира дошла полиција, а се појавил и пратеникот Никола Тодоров од каде и почнала евакуацијата на Села. Го симнале пак на најдолниот кат, го маскирале во полицаец, му преврзале жолто-црвена трака и го изнеле од Собранието.
Сведокот очевидец кој е вработен во едно јавно претпријатие рече дека му се јавиле оти се влегува и треба да отиде. По настанот бил деградиран, а дел од колеги и претпоставени го омаловажувале зошто помагал да се спаси Села. Бил деградиран, од работа во дирекција го испратиле да работи на патарина и секој месец го префрлале на различни патарини.