Тешки обвиненија кон шампионот на Италија, Јувентус, упати новиот генерален директор на италијанската јавна телевизија „РАИ 2“ – Карло Фрекеро. Според него, раководството на „старата дама“ манипулира со системот за видео-арбитража (ВАР), пренесе „Фудбал Италија“.
Тој беше претставен официјално на функцијата денес и на прес-конференцијата беше запрашан дали планира да ја зголеми фудбалската содржина на телевизијата, со купување на правата за Суперкупот на Италија и Купот на земјата. Неговиот одговор беше шокантен.
– Веќе гледам само Премиер лигата во Англија, бидејќи Јувентус секогаш победува во Италија и освојува се. Тоа е затоа што од овој клуб го „окупирале“ дури и ВАР. Тие ги контролираат сите видео-арбитри. Манипулираат со се, прават какви ли не маневри … Многу е иритирачко нивното однесување, изјави Фрекеро.
Тој сепак ја заврши реченицата со зборови, што донекаде ја оправдува неговара претходна изјава: „Форца Рома!“.