НАТО е подготвено, Генералниот секретар тоа ни го соопшти, во средината на февруари тие се подготвени да ги подготват сите постапки и процедури. Но, не се согласувам со Столтенберг и верувам дека уште во јануари грчкиот парламент ќе го ратификува Договорот од Преспа, а Грција ќе биде првата земја што ќе го потпише Протоколот за пристапување на нашата земја кон членството во НАТО. Тоа е порака на охрабрување и за мене и за мојот колега Алексис Ципрас. Ова го одговори премиерот Зоран Заев, по денешната прес конференција во Владата која ја одржа со министерот за финансии, Драган Тевдовски, а во врска со тоа што имаше во писмото на Столтенберг, за новинарите да не дознаваат од грчките медиуми.
Тој потсети дека на крајот на 2018 и на почетокот на 2019 година во Грција и Македонија се носат крупни политички одлуки.
– Драматично е нашето општество, драматично е и во грчкото општество. Писмото беше едно охрабрување кое што сака да ни даде на знаење колку е вреден овој договор. Во европски манири, со одважност на двете страни се донесе решение на спор којшто ја влечеше удолу Македонија, и истовремено беше уште еден нерешен спор и за Грција. Ваквото решение треба да биде дополнителна мотивација за парламентите во Македонија и во Грција да бидат позитивни во донесувањето на одлуките – рече Заев.