Социјалдемократијата во потрага по сопствениот идентитет

На македонската политичка сцена СДСМ, после неколкуте изборни порази е во процес на катарза во потрага на својот идентитет, што не би можело да се каже за другите политички партии.

351

Политичкиот систем на Р. Македонија е соочен со проблемот на (не)функционирањето на политичките партии. Причините за тоа се во недоволната програмска профилираност или поточно речено отсуство на политичка програма и второ, слабиот капацитет на раководните структури на политичките партии. Денес на политичката сцена дејствуваат партии кои имаат само „главни штабови“ кои повеќе години цврсто ги држат позициите на владеење било да се наоѓаат на власт или во опозиција.

Ваквите состојби се сосема разбирливи ако се има во вид дека една од битните функции на политичките партии е борба за власт – да се стекне и задржи власта дури и по цена да се отстапи од сопствените, барем јавно декларирани, програмски определби посебно, во периодот на изборите. „Ниту еден сериозен политичар значи нема повеќе интерес да има проект кога му е доволно да има некоја функција. Партиите од десницата, како и оние од левицата, повеќе немаат причина да покажуваат дека имаат доктрина, не прават дури ни анализа на состојбите, а уште помалку покажуваат некаква етика, кога им е доволно пред изборите само да исфрлат некоја парола и да изберат фотогеничен и убедителен шеф.“ (Жак Атали)

Сама по себе ваквата политичка состојба значи вулгаризација на политиката и политичките процеси и редукција на сфаќањата на граѓанската демократија според која политичките партии треба да изразат три главни функции: изборна; функција на контрола и ориентација на органите во политичкиот систем и функција на изразување на политички програми кои ги чинат различити од другите партии.

Оттаму и честите неприродни коалиции кои ни се случуваа во изминатиот перод на повеќепартискиот политички систем или пак изјави дека во политиката е сѐ можно и дозволено или пак за „бракови“ од интерес. Станува збор за гледања и однесувања на една специфична категорија на политички „менаxери“ карактеристична, посебно за општества со ниско ниво на демократски вредности и политичка одговорност.

Сепак, за сериозна политичка анализа внимание заслужуваат сфаќањата, посебно кај големите политички партии кои не ја прифаќаат социјалната структуираност на современиот свет, независно од сите промени кои се случуваат во постиндустриското и информатичкото општество. Според нив, политичките партии не треба да се лоцираат само во одреден општествен слој, а уште помалку да изразуваат определени социјални или класни интереси, туку и пред сѐ, треба да се изразуваат како интеркласни структури.

Тоа е највидливо кај социјалдемократските партии каде што процесот на нивната интеграција во капиталистичкиот систем трае веќе скоро еден век. Ова е особено значајно за периодот после 50-тите години на минатиот век кога доаѓа до одрекнување на работничкиот карактер на социјалдемократските партии и прифаќање на концептот на партии на сите општествени слоеви. Разликите помѓу социјал-демократските и другите граѓански партии сѐ повеќе исчезнуваа и тие станаа тешко препознатливи во однос на другите партии.

Во осумдесеттите години на минатиот век, со програмата од Годесберг, германската социјалдемократија ги дефинира новите програмски приоритети и тоа: „приврзаност кон демократијата како вредност по себе; приврзаност кон уставот; приврзаност кон слободата, правдата и солидарноста како фундаментални вредности на демократскиот социјализам; демокртаскиот социјализам како етички социјализам; приврзаноста на идејата за отвореноста на партијата; приврзаност кон пазарот како незаменлив инструмент на стопанското насочување“.

Застанувајќи на становиштето дека во економските процеси треба да има помалку држава, а повеќе општество, без да при тоа го дефинира својот став за односот помеѓу трудот и капиталот, европската социјалдемократија широко ја отвори вратата на меѓународниот корпоративизам, на интересите на транснационалните корпорации кои пак, ја наметнаа глобализацијата како модел на владеење која обезбедува највисоко ниво на концентрација на профитот.

Социјалдемократските партии, свесно или не, не ги препознаа процесите во кои нивните политичари прераснаа во естаблишмент кој опстојува на изграден систем на привилегии наспроти основниот принцип на социјалдемократијата, принципот на еднаквост. Политичката структура на социјалдемократијата сѐ повеќе добиваше белези кои се карактеристи~ни на апарат, бирократија, номенклатура, елита која „живее од политиката“ (Макс Вебер) и која политиката ја претвори во занает.

Социјалдемократијата замижа пред процесите кои, парламентарната демократија ја трансформираа во партократија, во партиска машина која сама по себе е самодоволна.

Социјалдемократијата не ги препозна тенденциите со кои изборниот систем прерасна во натпревар кој на кое место е на изборната листа на партијата, а не кој каква програма нуди, прифати систем според кој пратеникот е непроменлив, а со тоа и неодговорен пред оние кои го бираат, систем во кој поединечните интереси станаа поголема вредност од програмската матрица иманентна на социјалдемократијата, систем во кој е побитно кому си му верен отколку верноста на социјалдемократската програма. Не ги препозна состојбите со кои политиката стана најпрофитабилен бизнис, како и состојбите со кои партиската номенклатура влезе во процесс на саморепродукција.

Оттука и парадоксот, во услови на длабока економска, социјална, но и вредносна криза, како состојба која сама по себе претставува предизвик за социјалдемократијата, да се губи довербата, социјалдемократијата да го доживува врвот на сопствената криза. Но, тој предизвик на кризата, како феномен кој предизвикува несигурност пред иднината, создава страв кај масите за сопствениот опстанок и ги тера кон десницата, остана непрепознатлив за социјадемократијата. А можеби и не се работи за парадокс, туку за индикатор на малигната симбиоза со шпекулативниот капитал, за епигонство и неолиберализам, како политички проект, со што социјалдемократијата го изгуби својот идентитет.

За социјалдемократијата остана непрепознатливо она што беше ноторно – што ќе му е на народот левицата ако таа е носител на политиката на десницата, односно ако десницата го реализира она што ѝ припаѓа на левицата.

Социјалдемократијата не понуди решенија на проблемите поради тоа што и самата стана дел од проблемите. „Поради сопствените одрекнувања, предавства и откажувања од принципите, европската социјалдемократија оди кон сопственото погребување… И што е крајно неразбирливо, наведува И. Рамоне, таквата перспектива се случува кога ултралибералниот капитализам минува низ една од најлошите фази“. Оттука прашањето зошто социјалдемократијата умира кога ултра либерализмот е во длабока криза? Зошто, социјалдемократијата не успеа да го искористи распадот на неолиберализмот кој како морално така и во социјален, па и еколошки поглед се наоѓа во слепа улица? Одговорот единствено може да се бара во фактот што таа се откажа од сопствените, основни идеи и што внатре во неа се вгнездија епигоните на неолиберализмот. Таа веќе не располага со програмски капацитети (општо избирачко право, бесплатно школување, право на работа, социјална и здравствена заштита, како претпоставка за остварување на социјалната рамнотежа, ја нема државата на благосостојбата како алиби и сл.), кои се доволно привлечни за милионите жртви на неолиберализмот, било тие да се наоѓаат во предградијата, на милионите невработени или пак се дел од распаднатата средна класа на која социјалдемократијата се потпираше.

Потрагата по идентитетот ќе биде тешка и болна, прашање е и колку ќе биде успешна. Таа бара радикални промени кои:
ќе ја вратат рамнотежата меѓу трудот и профитот и ќе ги афирмираат вредностите на социјалната правичност;
ќе го повратат оптимизмот дека само новосоздадената вредност и реалниот сектор, во кој човекот го опредметува својот труд и знаење, а не казино економијата и виртуелниот финансиски капитал се идентитетот на социјалдемократскиот политички проект;
ќе ја вратат довербата дека организираниот работник е субјектот кој ги гради односите со сопственикот и дека за државата, ако таа претендира на социјална правда и правичност и е исто толку значаен колку и сопственикот;
ќе ја афирмираат критичката мисла наспроти неолибералното епигонство и издајство на основните вредности на социјалдемокртијата.

На македонската политичка сцена СДСМ, после неколкуте изборни порази е во процес на катарза во потрага на својот идентитет, што не би можело да се каже за другите политички партии.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...