Беса и Алијансата не отстапуваат од своите амандмани за поддршка на уставните измнени

Доколку премиерот е подготвен да ги прифати нашите барања, ќе ја има нашата поддршка – вели висок функционер на Беса за Плусинфо.

1406

Од утрешната средба помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на Беса Билал Касами и евентуално средбата со претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села ќе биде по јасно дали е реален оптимизмот на премиерот дека е обезбедено двотретинското мнозинство за уставните амандмани. Од Беса и од Алијансата брфираат за Плусинфо дека е добро Заев да не ја доведува во прашање нивната поддршка, односно дека со прифаќањето на нивните амандмани на уставните амандмани само, како што велат, може да се зајакне мултиетничноста и да добие државата.

Касами на маса пред Заев ќе ги стави нашите четири амандмани на владините амандмани за измените на Уставот и ќе образложи дека тие може да бидат само од корист за зајакнување на мултиетничкиот карактер на државата. Аргументите се дека треба да бидат прифатени нашите амандмани. Доколку премиерот е подготвен да ги прифати нашите барања, ќе ја има нашата поддршка – вели висок функционер на Беса за Плусинфо.

Сепак од партијата на Касами не се категорични дека ќе ја откажат поддршката на уставните измени ако Заев не ги поддржи нивните барања, бидејќи како што велат сѐ ќе биде по јасно по утрешната средба.

И од Алијансата за Албанците брифираат дека се надеваат дека ќе најдат заеднички јазик со премиерот за нивните амандмани.

Се надеваме дека Заев ќе смогне сили да ги земе предвид нашите амандмани и дека нема да го доведе во прашање двотретинското мнозинство, бидејќи амандманите на Алијансата за Албанците се во интерес  на државата  – вели висок функционер од Алијансата.

Заев денеска изјави е оптимист дека ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени. За условите кои ги бара Касами, премиерот најави дека утре ќе се сретне со него.

–  Јас само ќе кажам дека ќе сторам сѐ за да обезбедиме двотретинско мнозинство. Тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето и ќе го споделиме задоволството од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста. Само ќе напоменам јас сум оптимист заради одговорноста што ја чувствуваат сите пратениците, но и извршната власт, дека имаме одлични шанси успешно да го завршиме овој процес. Голем дел од овие денови на божиќните празници јас продолжувам со разговори со сите. За утре закажав состанок со Билал Касами, ќе разговараме за тоа тој мисли дека треба да разговараме. Мене ми е мило што БЕСА предводена од Билал Касами и Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села се недвојбени поддржувачи на интеграциите на Република Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа значи дека очекувам секако сериозност каква што имам јас, и одговорност, затоа што тоа се и нивни програмски определби, тоа е и определба на државата и на повеќе од 80 отсто од граѓаните на Република Македонија – порача Заев.

Беса предлага 4 уставни амандмани кои се однесуваат на тоа албанскиот јазик да се изедначи со македонскиот јазик односно да биде службен на цела територија, државата да се грижи подеднакво за граѓаните од сите етнички заедници кои живеат надвор од нејзините граници, претседателот на државата да не може да го блокира донесувањето на законите со непотпишување и Охридскиот рамковен договор да биде дел од преамбулата на Уставот.

Алијансата за Албанците има амандман на Преамбулата, односно за предлог амандманот 34, каде цел е да се елиминира редење на етничките заедници со што се издвојува македонскиот народ од другите.

Села неодамна изјави дека нивниот план и стратегија е „амандманите да поминат и уставните измени да ја направат државата поправедна. Уставот да промовира права и слободи, а не да санкционира. Ова е идејата на Алијансата за Албанците бидејќи само така има смисла зачленувањето на земјата во НАТО и ЕУ“.

Заев претходно изјави дека нема да дозволи ширење на Пандорина кутија и дека никој нема право да го условува влезот на Македонија во НАТО и во Европската Унија.

Бeса на Касами и Алијансата на Албанците имаат четворица пратеници.

.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...