Премиерот Зоран Заев рече дека е оптимист дека ќе има двотретинско мнозинство за уставните измени, а седницата за амандманите очекува да трае 2-3 дена бидејќи ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да присуствува.
– Каков што е амбиентот и како што тера процесот со поставување амандмани на уставните амандмани конечната бројка ќе ја знаеме на чинот на гласање. Седницата е закажана за 9 јануари, знам дека дебата трае максимум 10 дена, како штое најавено неприсуство на опозицијата преводена од ВМРО-ДПМНЕ, веројатно таа ќе трае 2-3 дена, колку што ќе оценат пратениците. Ние ќе бидеме таму. Но, чинот на гласање ќе биде како резултат на самата дебата, како резуттат на амандманите, како резултат на задоволството на сите пратеници кои доставија амадмани и како резултат на севкупната верба дека овој процес треба да го обезедиме – рече Заев.
За условите кои ги бара Билал Касами, премиерот најави дека утре ќе се сретне со него.
– Јас само ќе кажам дека ќе сторам сѐ за да обезбедиме двотретинско мнозинство. Тоа ќе го соопштиме на јавноста во моментот на гласањето и ќе го споделиме задоволството од тоа што е постигнато или ќе ја понесеме одговорноста. Само ќе напоменам јас сум оптимист заради одговорноста што ја чувствуваат сите пратениците, но и извршната власт, дека имаме одлични шанси успешно да го завршиме овој процес. Голем дел од овие денови на божиќните празници јас продолжувам со разговори со сите. За утре закажав состанок со Билал Касами, ќе разговараме за тоа тој мисли дека треба да разговараме. Мене ми е мило што БЕСА предводена од Билал Касами и Алијансата за Албанците предводена од Зијадин Села се недвојбени поддржувачи на интеграциите на Република Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа значи дека очекувам секако сериозност каква што имам јас, и одговорност, затоа што тоа се и нивни програмски определби, тоа е и определба на државата и на повеќе од 80 отсто од граѓаните на Република Македонија – порача Заев.
Заев рече дека верува оти гласањето ќе се заврши до средината на јануари, а убеден е и дека, како што рече, неговиот пријател Алексис Ципрас, го има потребното мнозинство за ратификација, како и дека Грција прва ќе го ратификува членството на Македонија во НАТО.
Премиерот рече дека писмото кое го добиле тој и Ципрас од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг било охрабрување со кое тој кое сакал да даде до знаење и на нас и на Грција, колку е вреден договорот.
Столтенберг пишал и дека НАТО е подготвено во средината на февруари да ги започне процедурите за членство, но Заев рече дека не се согласува со генералниот секретар околу тоа затоа што верува дека можно е ратификацијата на договорот во Грција да се случи и кон крајот на јануари односно порано од планираното.
Видео од новинарски прашања и одговори од премиерот Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски, од денешната прес-конференција во Владата