Загрижувачкиот пораст на заболени лица од хронични незаразни болести денес во светот воспостави една практика со која се воведуваат интернационални (светски) денови на одделни значајни медицински проблеми со цел подигнување на свеста на општеството во целина околу сериозноста на истите. А, како општата патологија е во галопирачка прогресија при што се шири како вертикално и/или хоризонтално, така и ротационо, овие „денови“ се случуваат практично секојдневно и наскоро многу веројатно ќе ја исполнат целата година! Ќе нема ден кој нема да биде прогласен за Светски по некоја проблематика.
Минатата недела тоа беше Меѓунардониот ден на хроничната опструктивна белодорбна болест (ХОББ), нешто пред тоа Денот на дијабетесот, потоа Денот на дарителството на органи, пред тоа Денот на срцето и Светскиот ден на канцерот, пред тоа Светскиот ден на бубрегот, Светскиот ден на хипертензијата, Светскиот ден на борба против ревматизмот и тн. Тоа секогаш е прилика интернационалните професионални здруженија да ги објават најновите статистички податоци околу инциденцијата и преваленцијата на одделни болести со намера да информираат, но и да ја подигнат свеста на сите чинители вклучени на различни страни во развојот на болестите и нивното погубно влијание врз животите на болните, деструкцијата на општеството и финансиските катаклизми специјално на посиромашните општества.
Практиката на одбележувањето на светските денови се разбира стана популарна и во нашата земја. Новите директори и директорки поставени од актуелната власт вообичаено сериозни и декорирани во пристојна темна облека ќе соопштат некои бројки пред камерите на телевизиите од различна политичка провиниенција од кои сите ќе занемат. Така, ќе дознаеме дека, според официјалните светски статистики во Македонија, треба да има околу 200.000 болни со хронична бубрежна болест, 140.000 болни со дијабетес, 200.000 болни со кардиоваскукларни болести, 150.000 болни со ХОББ, 40.000 болни со малигни болести (без малигните хемопатии). Згора на тоа, ако се додаде дека секој трет возрасен човек има некој тип ревматизам, а секој четврт дека боледува од хипертензија, тогаш доаѓаме до фрапантни заклучоци дека повеќе од половина од возрасното население на Република „Северна“ Македонија не е здраво!
Податоците уште повеќе добиваат на значење ако се додадат околу 300.000 стари лица (над 65 години) и непознат број на болни деца, тогаш се пополнува застрашувачкиот Пазлс на картата на нашата држава. Колку за утеха на сите, бројките кои се наведени се однесуваат за Европа, а тоа е, нели, некоја далечна дестинација која не се однесува на нас. Ние си имаме свои бројки кои всушност никој не ги знае, па затоа можеме да бидеме мирни. Светските денови се одбележуваат на задолжителна конференција за печат а доколку има време ќе се појави и министерот за здравство или директорот на ФЗОМ, ќе паднат и некои коктелчиња со ветувања, исто така сериозни, дека се прават напори, се анализира состојбата, се преговара и во најскоро време ќе се среди… еве старата власт не направи ништо… вие дечки само продолжете со работа… и така натаму. И сето уште неколку пати ќе биде повторено во вечерните изданија на сите дневници, ќе се појават и информации во пишаните медиуми, ќе се јават и здруженијата на болните со трошка надеж…
Но, светските денови ќе поминат, конференциите за печат ќе избледеат, застрашувачките бројки ќе се заборават, официјалните лица ќе се повлечат во своите кабинети. Се разбира дека од срамежливите ветувања речиси ништо нема да се оствари, подостарените колеги супспецијалисти (тие што останале по масивната онлајн преселба на младите лекари кон приватните клиники или нешто подалеку кон Дојчланд) и натаму ќе ја продолжат нерамноправната борба во своите ровови со сѐ помалку муниција сѐ додека и тие не заминат некаде и кренат раце од сѐ. Ретките пулмоалерголози ќе сфатат дека не можат да се борат со ХОББ во услови на еден апсурден и катастрофален закон за пушење кој всушност го дозволува пушењето на јавни места, или кога треба да ги пуштат своите болни низ градовите кои се светски рекордери во загадување на воздухот. Колегите ендокринолози и натаму ќе се заглавуваат со инсулинот и целата комедија околу него, онколозите и натаму нема да даваат лекови од прва категорија затоа што се недостапни, ревматолозите речиси ќе се откажат од современата биолошка терапија затоа што е прескапа. И натаму нема да има дарителство на органи, ќе продолжат да косат малигните и кардиоваскуларните болести, ќе расте бројот на болни на дијализа за цела среќа на приватните концесионери кои и натаму нашите тешко спечалени пари удобно и лесно ќе ги префрлаат во некое Монако, Белизе или не знам каде.
А веќе од првиот месец од Новата година ќе дојдат повторно светските денови, ќе се јават шармантните директорки, сега можеби од друга партија, но во речиси истиот имиџ изнесувајќи овој пат уште пострашни бројки од педантните европски и светски регистри. Ќе се разгорат и конференциите за печат, ќе дојдат некогаш и истите новинари кои ги водат проблемите на здравството, ќе ги повикаат и жалните пациенти и ќе ги сместат некаде во последните редови. Ќе помине и министерот (истиот или некој друг, трет…) и директорот на ФЗОМ… Понатаму приказната ја знаете. Така ќе се провлекува оваа наша балканска сапунска опера без видлив крај. Полека светските денови ќе се претворат во наши сопствени измачувања, ќе нѐ удираат по глава секоја година на ист начин и на исто место, ќе ни се нижат околу вратот како „ѓердан од камења студени“.
А, за волја на вистината, и Рацин никогаш не ни бил поблиску!
(Објавено во Vox Medici, декември 2018)