Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски, останува во затворот во Шуто Оризари откако од Кривичниот суд во Скопје му го продолжиле притворот за нови 30 дена.
Атанасовски е осомничен за дело „здружување заради непријателска дејност“ во врска со настаните во Собранието на „крвавиот четврток“. Тој заврши во Шутка откако на судскиот процес за 27 април на почетокот на декември 2018 обвинетиот Александар Василевски Нинџа рече дека соработувал со УБК откако Зоран Заев почна да ги објавува „бомбите“, а соработката се интензивирала и откако Атанасовски дојде на чело на тајната полиција од којашто позиција бил поддршка за Нинџа.
Атанасовски стана директор на УБК околу една година по оставката на Сашо Мијалков. Кога Мијалков даде оставка во мај 2015, него го замени Љупчо Андоновски кој се заржа таму до септември 2016 кога на оваа функција беше назначен Атансовски. Притворениот поранешен директор беше на чело на тајната полиција се до промената на власта.