Правната држава на распетие

Поставување на правната држава на распетие, при што таа се измачува меѓу декларираните политички заложби и повисоките цели, не овозможува подолгорчни позитивни ефекти.

311

Почетокот на новата година повторно го актуелизира прашањето дека членството во ЕУ подрзабира соработка врз темелите на правната држава и слободата. И тоа пред се оработка против закани, наместо преку антагонизми и конфликти да се создаваат закани. Токму затоа членството подразбира да се биде дел од една поголема Европа, да се даде придонес кон јакнењето на безбедноста и економскиот развој.

Принципите на правната држава беа едно поважните прашања околу кое во последно време се дебатираше во Европскиот парламент. Во некои ЕУ-членки на власт веќе се авторитарни лидери, а во повеќе други поддршка добиваат партии на крајната десница или левица. Нивниот заеднички именител не е партиската боја, туку отпорот против либералното општество и фундаменталните вредности врз кои се темели ЕУ. Но постојат прашања што се поголеми од од партиската политика, а едно од нив несомнено е демократијата и заканите што се насочени кон нејзината иднина.

Функционалната поврзаност на трите компоненти – демократијата, правната држава и слободите и правата – се неопходни за да се спречи политичкото, социјалното и моралното назадување на општеството. И тоа токму кога власта на мнозинството може да се злоупотреби против поединци и групи, при што правниот систем може да биде нарушен и без форламно да биде блокиран.

Во таа смисла правните правила, со кои се уредуваат односите меѓу поединците во општеството, треба да бидат согледани како заштита на малцинските друпи. Таквата заштита практично се етаблира така што парламентарното мнозинство донело одлука самото да ја ограничи, “самото да ја врзе“, својата моќ како законодавна власт, за на таков начин да овозможи правна заштита на сите. Тоа самоврзување често се опишува со сликата на Одисеј, кој заврзан за јарболот и им наредил на своите луѓе да ги затнат ушите со восок за да не бидат привлечни од песната на Сирените, односно намамени од повикот на кој е тешко да се одолее. Но ако се послуша, ќе доведе до лош крај.

Во овој контекст се наоѓа и суштинското прашање. Во таквото ограничување на власта треба да се има доверба. Претпоставка за една функционална демократија е дека оние што припаѓаат на малцински групи од каков било вид, не треба да страхуваат од злоупотреби од страна на мнозинството што ја има власта, и дека мирна промена на власта е можна. А за тоа се неопходни процеси и институции што ги гарантираат принципите на правната држава. „Крвавиот четврток“, срамниот упад во македoнското Собрание на 27 април, го покажува токму спротивното – криза на демократијата, злоупотреба на институциите и киднапирање на правната држава, односно на „заробената држава“, според дефиницијата на Европската комисија.

На најширок план во ЕУ достигнатото ниво на владеење на правото покажува значајни разлики меѓу земјите-членки. По Унгарија и Полска, Брисел сега го насочува вниманието и кон Романија, која за првпат го презеде шестемесечниот претседавачки мандат со Унијата. Романија е изложена на критики поради притисоците и влијанијата врз кои е изложено судството, но и поради обвинувањата упатени кон романската Влада дека ги заштитува политичарите обвинети за корупција и криминал.

Принципите на правната држава тешко заживуваат во поранешните комунистички земји во Источна Европа. Романија, која беше примена во ЕУ во 2007 година, се смета за една од најкорумпираните членки и сè уште е под мониторинг на Европската комисија. Сè додека земјата не покаже солидни резултати во однос на барањата на ЕУ за функционално и независно правосудство, нејзиното членство ќе се третира како нецелосно, „фалично“, и земјата нема да биде пуштена во рамките на пасошката унија Шенген. Развојот во Романија се оценува дека се движи во погрешна насока, при што до земјата се упатуваат предупредувања да не тргнува по истиот авторитарен пат како Унгарија и Полска.

Игнорирање на принципите на правната држава, како што вели потпретседателот на Европската комисија, Тимерман, не претставува проблем само на одделна зема-членка. Тоа има влијание и врз другите ЕУ-граѓани кои живеат во таа земја, како врза сите граѓани на ЕУ во целина, преку учеството на земјата во процесите на донесување одлуки и усвојување на норми што се обврзувачки за сите во ЕУ. Поврзувањето на законските и судските компетенции во Европа се засновува, меѓу другото, и врз принципите што се однесуваат на меѓународни потерници и взаемно признавање на судски пресуди. Инаку, таа регулатива не би можела да преживее со целосен легитимитет доколку некој од националните системи престане да биде управуван од принципите на правната држава и владдеењето на правото.

Поставување на правната држава на распетие, при што таа се измачува меѓу декларираните политички заложби и повисоките цели, не овозможува подолгорчни позитивни ефекти. Донесување на Законот за амнестија по скратена постапка, е проследено со остро спротивставување на коментари и толкувања околу исправноста на таквиот чекор кон зајакнување на правната држава, но на кој сепак, во интерес на повисоки цели, – ратификацијата на Преспанскиот договор, заврстувањето на државноправната рамка и интегрирањето на Македонија во евроатлантските структури, – западните центри на моќ сепак ќе му прогледаат низ прсти. Но не и долгорочно, затоа што домашната реформска задача во областа на владеењето на правото допрва и претстои на Македонија.

Брисел испраќа јасни сигнали дека на одделни земји, без оглед да ли се членки или се вон ЕУ, нема да им се дозволи да го предизвикуваат и нарушуваат интегритетот на Унијата. Заканите против правната држава доаѓаат од сите страни и затоа се инсистира на одговорноста да се исчисти пред се сопствениот двор. Формалната заштита на принципите на правната држва е недоволна, бидејќи во крајна линија се работи за отпорност во однос на политичката и правната култура во една демократија. Како и за довербата на луѓето во институциите и во оние што работат во нив.

Па дури и ако е потребно пратениците самите да се врзат за пратеничките клупи, сѐ додека не станат поимуни на „мамењата“ однадвор кои повикуваат на поделби и незивесност, а не кон ефективно владеење на правото и заштитата на луѓето од – неправда.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...