Психолошка и психотерапевтска поддршка за семејствата со ретки болести

118

Линијата за помош за семејства со ретки болести за 2019 година обезбеди психолошка и психотерапевтска поддршка за семејствата со ретки болести.

Линијата за помош на „Живот со предизвици“ е отворена комуникација на телефон, е-маил, Фејсбук, Вајбер, состаноци лице во лице, средби на семејства … линијата за помош е за информативна поддршка, за насочување и поддржување на пациентите за остварување на нивните права во однос на здравствени и социјални услуги .

– Од Јануари, 2019 година потпишавме договор за соработка со „Неокортекс“ – Центар за психотерапија, психодијагностика, тренинг и едукација со цел да понудиме индивидуални психотераписки сесии, партнерска терапија и советување, семејна терапија и советување, психолошко советување за родители, психолошко тестирање со изработка на наод и мислење, и други услуги кои им се потребни на семејствата кои се соочуваат со некоја ретка болест, стои во соопштението.

– Поддржувајќи ги пациентите во изминатите десет години, свесни сме дека е потребна психолошка поддршка не само за пациентите, туку за целокупните семејства, бидејќи ретката болест не  е товар само на тој што ја има туку на целото семејство. Затоа решивме дел од средствата добиени од Фондација Трајче Мукаетов во 2018 година да ги насочиме токму кон обезбедување на бесплатни психолошки и психотераписки услуги за семејствата со ретки болести. Во 2019 година граѓаните кои се соочуваат со ретка болест може да се обратат директно до Неокортекс до Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт, тренер, 075 273-768), да си закажат термин и да ја добијат поддршката која им е потребна. Се надеваме дека достапноста на услугата и гарантираната анонимност ќе придонесе кон поголема помош и поддршка за семејствата со ретки болести и подобрување на нивниот квалитет на живот. Иако започнуваме во Скопје, до крај на година ќе се одржи и работилница за и психолози од други градови да се обучат за работа со семејства со ретки болести, да се споделат искуства и да се помогне на сите на кооио им е потребно – изјави Весна Алексовска, претседател на „Живот со предизвици“.

– Ми претставува голема чест и среќа, започнувањето на соработката со организацијата „Живот со предизвици“, кон која имам особена почит. Подготвена сум во годинава што е пред нас, да ја вложам својата хумана и професионална енергија и стручност, со цел подбрување на менталното здравје и психолошката состојба кај лицата со ретки болести и нивните семејства, воедно да бидам и дел  од поддршката во соочувањето со нивните животни предизвици – изјави Ивана Хаџиванова, психолог, психотерапевт.

 

 

.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...