Македонија, иако е далеку од мигрантската криза од пред три години, а балканската мигрантска маршрута официјално е затворена, сепак е дел од транзитните патишта преку кои мигрантите се обидуваат да стигнат до земјите од Европската Унија. Минатата година речиси секојдневно билтените на МВР регистираа нови случаи за илегални преминувања или обиди за криумчарење мигранти.
Од Министерството за внатрешни работи, по барање на МИА за бројот на илегални преминувања, наведуваат дека во периодот од јануари до септември 2018 година, вкупно 13.143 лица биле спречени при обид на илегално преминување. Вкупно биле откриени 44 случаи на криумчарење мигранти, додека бројот на криумчарени мигранти бил 763.
Споредбено со 2017 година, податоците на МВР покажуваат дека 4.129 лица биле спречени при обид за илегално преминување, бројот на откриени случаи криумчарење мигранти бил 19, додека бројот на криумчарени мигранти 212.
Во однос на случаите на баратели на азил во 2018 година, како што наведуваат од МВР за МИА, заклучно со јуни годинава, до Секторот за азил барање за признавање право на азил поднеле вкупно 119. Притоа за 81 лице е донесен заклучок за запирање на постапката, додека за 38 лица постапката е сè уште во тек.
За споредба, во 2017 година барање за азил поднеле вкупно 162 лица, од кои на две лица им е признаен статус на лице под супсидијарна заштита, на девет лица им е донесено решение за одбивање на барањето и за 151 лице е донесен заклучок за запирање на постапката, велат од МВР за МИА.
За 2018 година, карактеристично беше и тоа што, особено во летните месеци, имаше обиди за илегален влез не само од Грција кон Македонија, туку и од Србија кон Македонија, како резултат на безвизниот режим на Србија со Иран и тоа што и ирански државјани доаѓаа до Србија и пробуваа да влезат на територија на Македонија за да дојдат до Грција. Србија го укина безвизниот режим со Иран во октомври годинава. Дотогаш 15.000 Иранци ја посетиле Србија, додека многумина од нив го злоупотребија тој режим за да заминат во некоја од земјите на ЕУ. Стотици Иранци побарале азил и во Србија.
Генералниот секретар на невладината „Легис“, Јасмин Реџепи, во разговор за МИА рече дека легално низ транзитниот центар Табановце оваа година поминале 1.683 мигранти, од кои 301 дете, а најголем дел од Иран, Авганистан, Пакистан, Либија и Сирија, повикувајќи се на податоците на Министерството за труд и социјална политика.
Низ транзитниот центар Винојуг во Гевгелија биле регистрирани 1.893 бегалци, од кои 506 жени и 426 деца. Најголем број од Иран, Ирак, Авганистан и од Сирија.
– Тоа се 3.576 луѓе, односно, споредено со 13.000 луѓе во еден ден во октомври 2015, ова е многу мала бројка – вели Реџепи.
Мониторинг-тимот на „Легис“ за ирегуларна миграција забележал и асистирал на 5.400 мигранти кои транзитирале низ земјава, надвор од транзитните центри Табановце и Винојуг. Реалната бројка е поголема, имајќи предвид дека немаме увид врз криумчарените кои тајно поминале, посочува тој.
Во однос на опасноста од криумчарење луѓе, посочува дека криумчарењето е реактивирано од 2016 година, со затворањето на балканската бегалска маршрута и сите граници кои водат кон развиените земји членки на Европската Унија.
– Тоа е организиран криминал раководен од странски државјани и почнува од Турција и Грција. Често пати наши граѓани се вклучуваат како превезувачи, од очајни економски причини или можност за брзо богатење, но голем број од нив полицијата успева да ги фати, а осудените добиваат високи затворски казни. Од друга страна се случуваат и сообраќајни несреќи, како онаа во Радовиш, каде што 16 луѓе беа повредени, а двајца мигранти ги загубија животите. Успеавме да ги погребаме дури по шест месеци, поради некоординација на институциите – истакна Реџепи за МИА.
На прашањето дали има интерес за азил во Македонија, Реџепи вели дека како транзит-земја Македонија не е крајна цел на бегалците и мигрантите, поради тоа интересот за барање азил и останување е многу мал. Така и бројот на баратели на азил во азил-центарот Визбегово во моментов е 14 лица.
Во однос на тоа како се постапува со нив, кога минуваат низ маршрутата, Реџепи вели дека тоа зависи од начинот на минување.
– Ирегуларниот транзит е високоризичен и небезбеден. Бегалците и мигрантите се незаштитени додека се сами. Тие се лесна цел на криумчари, но и на локални криминалци кои сакаат да профитираат ограбувајќи ги патем. Секако, тие имаат свои права, кои сите на терен се трудиме да им ги укажеме и да ги испочитуваме – рече тој.
Реџепи вели дека голем исчекор во областа на азилот е тоа што во 2018 година е донесен Закон за меѓународна и привремена заштита, додавајќи дека останува надеж за негова имплеменатација во 2019 година.
– Ратификацијата на Истанбулската конвенција е секако уште едно позитивно законско решение во заштитата на жената мигрантка и бегалка, по која треба сите институции и невладини организации вклучени во ова поле да работиме. Се надеваме дека во 2019 ќе има политичка волја за донесување на Стратегијата за интеграција на бегалци и странци од страна на МТСП, која беше злоупотребена и запрена за време на предизборието во 2017 – оценува Реџепи.
Смета дека треба да се дислоцира Центарот за странци, Гази Баба, односно да се изгради новиот во Орман, според сите меѓународни стандарди.
– Во 2019 очекуваме и ангажман на Фронтекс на нашата јужна граница, за дополнителна контрола и сузбивање на криумчарењето и трговијата со луѓе, како и ирегуларната миграција – заклучува тој.
Според препораките на експертите за миграции, благовременото споделување информации меѓу сите инволвирани страни е најважното нешто во справувањето со илегалната имиграција.
Во 2019 година, според експерти со кои се консултира МИА, кон Европа може да се очекуваат големи приливи на мигранти, но не само од воените зони, бидејќи во Сирија ситуацијата за нијанса почнува да се стабилизира. Може да се случи и големи бројки мигранти да се упатат кон Европа, пред сѐ и поради глобалното затоплување во трети земји, на пример од Западна Африка и Азија, бидејќи сега голем дел мигранти што влегуваат во Западна Европа се токму од Западна Африка од регионот на Сахара.