Додека за малкумина и притворот е рај, за многумина и слободата е пекол. Скромни или сосема празни трпези, студени домови, осаменост и неизвесност во срцата на сиромашните беа на нивното мени за „најлудата“ ноќ. Оние што останаа во притворите и затворите, „обичните“ смртници, чии „злосторства“ вклучуваат и кражби на храна, ја дочекаа Нова Година во вообичаено нечовечните услови на македонскиот затворски систем. Некои се фалат дека барем затворскиот персонал го сменил табиетот, па ајде, да го прифатиме барем тоа, за првиот параграф од овој новогодишен „рафал“ да не биде целосно мрачен.
Оние што „уживаат“ во слободата (со и без наводници), оковани се со прангите на тешкиот живот, недостижните надежи и неисполнетите ветувања (што му доаѓа некако исто). Тешка година оставивме, уште потешка нѐ чека. Само да се набројат настаните зад нас, ќе ни предизвика вртоглавица и неверица… „Зарем сево ова го прегрмевме?“ – ќе си кажеме.
Историјата никако да застане и да земе здив. Никако да заживееме еден обичен, секојдневен, здодевен, неисториски живот.
Безброј пати си повторивме, колку за утеха… Македонија надмина децениски спор и ги (под)отвори тешките порти на Европа, откако тие беа запечатени цела една деценија пред тоа. И, толку од утехата… Прегрмевме и еден историски референдум што го избербатија радикали и екстремни националисти, водени од криминалците дома и од подмолната руска канџа ставена на Балканот.
Во власта се напика и шуто и рогато, и расипано и тапоглаво, само тоа пусто парламентарно мнозинство да се постигне, а како скапана вишна на врвот на грдиот колач, ги видовме и сите останати пазарења, тендери, рокади, амнестии… Ја доживеавме сета „флексибилност“ и комплексност на политиката, налик на трговијата со секс, секогаш на границите од тоа што просечниот човек го подразбира под морал…
Очите печат од силните контрасти меѓу политиката и владеењето на правото, меѓу пазарењето и демократијата, меѓу рѓосаниот систем и човековите права. Затоа, пред нас сега се исправени сите претходни и сите нови неволји. Јака им душа на тие што ќе се нафатат да го средуваат овој хаос од држава и ова распарталено општество, замастено од секретите на партиските војски и безбројните преплетени интереси.
Ќе се изнагледаме чуда во годината пред нас. Полусвет од најдолен вид, манијакални клерофашисти со меур од смрдлива каша меѓу ушите, собрани по кафеанските квази-патриотски дувла, со “интелектуален” развој застанат некаде на средината од железното доба, веќе пишуваат милитантни прогласи што смрдат на лоша ракија. За тоа време, нивните инспиратори и спонзори седат во своите фотелји во системот, во партиски палати и луксузни хотели. Амнестирани во име на интеграциите и помирувањето, коваат заговори и го кочат тркалото што се обидува да се придвижи напред. Плус, силен зачин од супер корумпирани и ненаситни незнајковци од партијата на власт. И тоа ни оддалеку не е крај… Тука е белокосиот селски итрец, чија дијагноза од швајцарските санаториуми не му пречи да се натпреварува со Ѕинго по годините поминати во коалиции од сите бои. Тука се и сите останати политички камелеони без трошка морал кои, во макар малку понормална демократија, немаше да освојат гласови ни за секретари во куќен совет…
Уставни измени, НАТО, датум за преговори со ЕУ се сигурните чипови на зелената чоја од бескрајната македонска партија покер. Но, на масата седат играчи што кријат повеќе карти во ракавите, отколку што држат во рацете. Со играчи чии главни адути се лагите, лакомоста, омразата и национализмот, треба да се оди кон Европа, како со тешки тегови на нозете на тукушто проодено дете…
И да е само тоа, арно ќе биде. Корупцијата е вгнездена во секоја пора од системот и од животот, сиромаштијата е огромна, а иселеничкото цунами не стивнува. Ако борбата против корупцијата започне на зелените пазари, таа само ќе се зацврсти во институциите. Безбедноста не завршува со новите униформи на полицијата и војската (иако беше редно некој конечно и тоа да го направи), туку со решително и стручно справување со глобалните и домашните опасности. Повисокиот стандард не завршува со неколку добри социјални мерки (добредојдени, секако) и нешто малку даночни реформи, туку само започнува таму. Имаме институции чии кабадаии дивеат низ секојдневието на луѓето, било да се на шалтери или носат некаков беџ, капа, униформа или тога. Тоа ни оддалеку не е добар почеток, туку може да биде само грд крај на една убава, недовршена приказна.
Бриселското мастило е бледо, лесно се брише, а уште полесно се брише балканската креда со која се црта на квазиисториските полигони. Денови на валкани политички игри се ближат, претседателски, а потоа и неизвесни европарламентарни избори, а кој знае, можеби и предвремени парламентарни избори. Системот ќе се шокира повеќе пати оваа година, а со него и сите ние, обичните смртници, што го храниме тој систем со нашата работа, даноците и (хм) казните… Вреди да се биде попретпазлив со очекувањата и ветувањата, како со нашите сопствени, така и со туѓите. Илузиите се храна за наивните, до моментот кога празниот стомак го вклучува алармот. А тогаш на сцена стапуваат оние што во својата политичка торба носат само нови заблуди и насилничко лудило. Да се изразиме во духот на еден современ-антички филозоф и узурпатор: како и да се свртиш, 2019-та е пред нас…