Почнува новата распределба на квоти за лекови, ќе им бидат ли подостапни на болните?

330

Почнува нова распределба на квотите за лекови во аптеките со кои Фондот за здравствено осигурување има склучено договор, а треба да овозможи осигурениците да имаат подобра достапност до лекови во текот на целиот месец во аптеките во близина на нивното место на живеење. Предвидени се и дополнителни најмалку 120 милиони денари за лекови на товар на Фондот.

Согласно новата распределба, околу 500 аптеки ќе добијат рамномерно зголемување на квотите за околу 20 илјади денари месечно по аптека. Предвиден е минимален износ по глава на жител, односно осигуреник, по подрачна единица на Фондот, секаде во земјата. Целта е на ваков начин во наредните две-три години да се изедначат буџетите по подрачна единица по глава на жител кои во некои случаи досега покажувале значителни разлики. За аптеките се утврдува максимален износ на квота од 650 илјади денари.

Исто така, едно правно лице со две или повеќе аптеки нема да може да има квота поголема од 10 проценти од вкупниот буџет на Фондот наменет за лекови. Со тоа се намалува можноста за стекнување и одржување на доминантна позиција на пазарот и се воведуваат порамноправни правила на игра и за средните и помалите аптеки.

Од ФЗОМ најавуваат порамнување на квотите двапати годишно во јули и декември за да се види колку се искористуваат и дали малите аптеки набавуваат лекови во вредност на квотите кои им се доделени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...