Внатрешниот ревизор до ректорот на УКИМ: Кој кого штитеше?

2258
Главниот внатрешен ревизор на УКИМ, Лилјана Попчева, реагира на јавното обраќање на проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ, кој вели дека внатрешниот ревизор се обидел да го прикрие неправилното работење на еден факултет. Демантот на Попчева го објавуваме во целост:
– Подобро ќе беше ако своето објективно информирање ректорот го поткрепеше со факти и аргументи. Иако пред Сенатот детално ги образложив сите преземени постапки  во насока на изрекување на отказот, бидејќи немам ниту една причина да премолчувам било што, во интерес на просторот ќе ги сублимирам накратко двете причините за изрекување на отказот:
  1. Ректорот констатирал дека Конечниот извештај за извршената ad hoc ревизија на трошењето на доделени средства од Универзитетот на еден факултет е непрофесионален, необјективен, неточен и паушален и
  2. Ревизорот, одговорот – забелешките на ректорот и Конечниот извештај на ден 20.10.2018 година по електронски пат – мејл, ги доставил до членовите на Ректорската управа.

Во продолжение ќе ги наведам комисиите на кои се повикува ректорот кои ја констатирале неправилноста која што внатрешниот ревизор не ја констатирал или не сакал да ја констатира, како што наведува во неговото обраќање:

Мислењето од Комисијата за финансии од седницата одржана на 17.10.2018 година потпишано од претседателот на Комисијата, со кое едногласно се отфла Претходниот извештај на внатрешната ревизија како неточен, необјективен и непрофесионален, и во кое е даден предлог до ректорот за ангажирање на независен ревизор, поради разидување на мислењата на Комисијата и ревизијата. Останува прашањето, кој, со каква намера, и за каква цел,  ја вовлекол Комисијата во постапка за која таа нема надлежност, место да и укаже дека во рамките на продецурите може да достави забелешки на Претходниот извештај.

Комисијата  на 15-ти мај донела мислење за неприфаќање на извештајот од Факултетот во кое е наведено дека доделените средства се потрошени спротивно на актите (кои не се донесени на Универзитетот). Ректорската управа на барање на деканот на Факултетот мислењето го симнала од дневен ред со цел да се извршат дополнителни усогласувања во врска со мислењето на Комисијата. По овој заклучок Комисијата воопшто не постапила. Од внатрешниот ревизор беше побарана ad hoc ревизија на извештајот од Факултетот, за кој Комисијата претходно дала предлог да не се прифати, а потоа Комисијата надвор од своите надлежности дала квалификации за извештајот кои се една од причините за отказот!!!

Понатаму, Овластувањето за работа на ангажираната независната ревизорска куќа е дадено од проректорката за финансии, која како претседател на Комисијата истовремено е потисник и на мислењето за ангажирање на независен ревизор, а договорот со ревизорската куќа е склучен на 12.10.2018 година, односно пет дена пред да биде даден предлогот од Комисијата. Сето ова не зборува за мислење во кое е констатирана неправилност, туку за  обезбедување на покритие за неоснованото мислење на Комисијата од 15 мај.

 

Мислењето од Комисијата за нормативна дејност не е одговор на бараното мислење од страна на ректорот, дали согласно интерниот Правилник средствата доделени на Факултетот може да се користат за одреден вид трошок, кој беше оспоруван од Комисијата за финансии. Во одговорот Комисијата навела дека согласно член 1 од Правилникот не може да бидат покривани оспоруваните расходи иако членот 1 од Правилникот ја регулира распределбата, а не трошењето на средствата, предмет на оваа ревизија. Комисијата во своето мислење се повикала на член 6 став 4 од Правилникот, но случајно или не го премолчела вториот дел  од став 4 од кој што произлегува  дека основот за исплатата  на трошоците за конкретната намена, воопшто не е спорен.

 

Забелешките од в.д. деканот и работната група на Факултетот, кои ректорот со свој допис ги побара од в.д. деканот, не се релевантен доказ, бидејќи в.д деканот ниту ја подготвил апликацијата, ниту е одговорен за извештајот за реализираните активности. Најповикан за давање на забелешки е деканот потписник на извештајот кој ја изготвил програмата и бил ангажиран во нејзината реализација, но ректорот одлучи да му го ускрати правото на доставување на забелешки.

 

Ревизорскиот извештај од независниот ревизор е прифатен од страна на ректорот како апсолутно точен и покрај тоа што наодите се изведени врз основа на споредба на спецификациите на трошоци по проекти од програмата и извештајот.

Спротивно на ова, на мојот извештај ректорот достави забелешки, дека со прифаќањето на програмата Комисијата за култура и спорт ги прифатила само предложените проекти, а  не и спецификациите на трошоци кои се дел од програмата. Па како може за истата констатција во еден случај да се дава забелешка,  а во другиот да се прифаќа како точна?

Постапката во која што е одбрана ревизорската куќа и извршената ревизија за 2 работни дена, остава простор за дополнителни прашања.

Органите на Универзитетот гласале за неприфаќање на извештајот на Факултетот врз основа на доставените материјали. Дека не сум се обидела да го прикријам неправилното работење на Факултетот зборува и втората причина за изрекување на отказот и фактот што ректорот не ми даде можност да го образложам извештајот пред органите, туку побара од мене да ја напуштам седницата на Ректорската управа и во мое отсуство тој да го оценува извештајот на внатрешната ревизија.

Втората причина за отказот е тоа што ревизорот го доставил  Конечниот извештај по е-маил до членовите на Ректорската управа. Доставувањето беше мотивирано од тоа што место Конечниот извештај кој ги содржи одговорите на забелешките доставени од ректорот и в. д деканот на Факултетот, во прилог на материјалите за седница беше поставен издадениот Претходен извештај. При тоа, не беа приложени ниту забелешките од ректорот. Транспарентноста е основен принцип во работењето на јавните институции, а не кршење на работниот ред и дисциплина. Дотолку повеќе, што ревизорскиот извештај не е ниту службена ниту државна тајна, и не содржи класифицирани информации. Дополнителна причина за доставување на Конечниот извештај до членовите на Ректорската управа беше заштита на мојот личен кредибилитет и интегритет.

Воспоставувањето на невообичаена практика  во Ректоратот, забелешки на Претходен извештај да доставува ректорот, е несуптилен притисок за промена на содржината на Претходниот извештај, а  неприложувањето на одговорот од ректорот и Конечниот извештај во прилог на материјалите на седницата, е во насока на необелоденување на притисоците кои се вршени на ревизорот.

Дали давањето на мислење или имање поинакво мислење од мислењето на Комисијата за финансии и транспарентното работење е кршење на работниот ред и дициплина?

Од наведеното сметам дека јавноста ќе може објективно да оцени чии постапки биле тенденциозни и кој кого штител – реагира Попчева, внатрешен ревизор на УКИМ.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...