Азаски: Го загушивме бизнисот со прописи, потребна е дерегулација

Бизнисот, вели тој бара полесен државен апарат за „издржување“.

689

Барањето на бизнисмените за поедноставни и помал број на закони останува и во наредната година. Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески смета дека ова барање треба да се најде во договорот за јавно-приватно партнерство со владата.

– Апсолутно останувам на ставот дека ни е потребна дерегулација во системот, буквално го загушивме бизнисот во купот прописи кон кои треба да го приспособи своето работење и наместо да се поедноставува, нивниот број и комплексност од ден на ден станува сé поголем. Во моментов, во Македонија имаме во примена речиси 1.400 законски прописи – кои понатаму се доработувани со илјадници правилници, упатства – вели Азаски во интервку за месечниот магазин „Економија и Бизнис“.

Според него, примарната задача на компаниите е да стопанисуваат, а не да внимаваат дали ќе направат некоја грешка во регулаторниот лавиринт во кој се принудени да функционираат.

Бизнисот, вели тој бара полесен државен апарат за „издржување“.

– Е сега, ако не успеваме да се разбереме со ишарет, ќе треба да се стави на хартија. Имам впечаток дека со години сме во зона на неразбирање, заради гломазноста на системот и комплицираноста на бирократијата – вели Азаски.

Стопанската комора, додава тој токму затоа и инсистира на склучување договор помеѓу државата и бизнис-заедницата, тој да послужи како основна рамка за воведување ред и предвидливост во односите меѓу двете страни, што во крајна линија треба да придонесе за дерегулација во системот.

– Дијалог има, но за жал, сѐ уште ни се случуваат ситуации за измените на некои системски решенија да дознаваме од медиумите. Над половина од законите се носат по скратена постапка. Зошто? Има две можни причини – првата, нешто треба да се помине без јавност, односно „под маса“и втората, лош менаџмент на време и на процеси. И двете се неприфатливи- вели тој.

Според неговите податоци, во 2015 година по скратена постапка биле разгледани и донесени 340 закони, или дури 56 отсто од вкупниот број на донесени закони таа година, во 2016 во ваква постапка биле донесени 238 закони, или 65 отсто од вкупниот број на закони. Трендот продолжил и во 2017 година.

-Иако бројките се значително намалени, просекот останува, од 42-та донесени закони, 57 тсто, или вкупно 24 закони биле донесени по скратена постапка. Таквиот метод не е добар, продуцира избрзани законски решенија, кои понатаму пројавуваат проблеми во практиката и се враќаме во бесконечните циклуси на постојано менување на законите вели Азески во интервјуто за месечниот магазин „Економија и Бизнис“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...