Франција со зголемен интерес ги следи случувањата на Балканот и посебно во Македонија, тоа го потврдуви француската парламентарка Лилијан Танги, која се надева дека Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ, но за тоа според неа треба да бидат исполнети условите, односно спроведување на реформите, вели таа во разговор со дописникот на МИА.
Француската пратеничка Лилијан Танги инаку со македонско потекло по својот татко, важи за една од најдобрите познавачи на ситуацијата во земјите од Балканот. За неа и за нејзините колеги е важно да бидат информирани за случувањето во овие земји. Последната прилика што ја имаа беше посетата на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во средината на месецот во Париз.
-Ние имавме прилика да размениме мислења со него, заедно со претседателката на Комисијата за надворешни работи при Француското национално собрание за ситуацијата во Македонија. Пред се разговаравме во однос на процесот на валидацијата на процесот на договорот склучен меѓу Македонија и Грција во однос на промената на името во Северна Македонија за што се дискутира во Парламентот. Ние сакавме да знаеме до каде се дискусиите. Сето тоа е охрабрувачко, бидејќи информациите кои ни беа дадени е дека процесот е на добар пат, дека за ова се води јавна дебата во земјата и дека гласањето во Парламентот е предвидено околу 15 јануари- вели таа.
Според Танги, акцијата и ангажирањето на Франција во земјите од Балканот и посебно во Македонија е се повеќе и повеќе е видлива, за тоа како Франција може да и помогне на Македонија и на другите земји од Балканот.
-Како референт за Земјите од Западен Балкан во Комисијата за надворешни работи, но исто така и како заменик претседател на комисијата за Европски прашања во Националното собрание, јас сум директно вклучена во меѓупарламентарната размена што ја имаме со овие земји. Ова посебно со Македонија, јас имам македонско потекло по мојот татко. Јас сум многу приврзана кон овие земји, што објаснува покрај мојата функција, дека сакам да тие напреднат и да напредне соработката со нив, како и со нивните соседи од Балканот. Мислам дека како што рече нашата претседателка де Сарнез за време на разговорите, „оваа соработка треба да биде предуслов за почетокот на процесот за европската интеграција на Македонија и таа треба да придонесе за стабилизацијата на регионот, нешто што е важно за овие земји но и за Европската Унија, истакна Танги.
Француската парламентарка се надева дека Македонија идната година ќе ги започне преговорите за членство во Европската Унија, но за тоа според неа постојат услови кои треба да се исполнат.
– Се надевам, но има услови кои треба да се исполнат. Мислам дека француската влада, нема да зборувам во нејзино име, но јас сум пратеник, ние го охрабруваме спроведувањето на реформите кои се започнати во Македонија, но исто така и во другите земји од Балканот. Ефективното реализирање на овие реформи ќе ја услови одлуката на Европската Унија и на Франција како држава членка- порача Танги.
За таа цел француските пратеници се подготвени уште повеќе да ја продлабочат соработката со нивните колеги од Македонија за што се предвидени меѓусебни размени на искуства.