Протест во Белград: Среќна Нова – без Вучиќ ВИДЕО

1249

Во Белград и оваа сабота е одржан нов голем масовен протест од повеќе илјади граѓани, без партијски обележја, против насилието под слоганот „Еден од петте милиони“.

Колоната на граѓани кои протестираа, која беше повторно долга речиси еден километар се движеше низ белградските улици, по познатата маршута од Студенсткиот плоштад до Плоштадот Славија.

Пред зградата на РТС, демонстрантите повторно кратко се задржаа и удирајќи во лончиња и со пишталки, како на протестите во 1996/7 година, правеа „5 минути бука“, во знак на протест против информирањето на РТС за искажаното незадоволство на граѓаните од актуелната состојба во Србија.

Граѓаните се задржаа и пред телевизијата Студио Б во зградата Белграѓанка, и ја пуштија песната „Бабара пеечкиот бот” на група „Севдах бејби” настаната после известувањето на новинарката Барбара Животиќ на оваа телевизија од првиот протест „Стоп на крвавите кошули” што се одржа на 8 декември.

Пред почетокот на протестот на граѓаните се обратија актерот Бранислав Трифуновиќ, новинарот Срѓан Шкоро и други.

Трифуновиќ на собирот порача дека ако прашаат кој е организатор на протестот, тие да одговорат – (Претседателот на Србија Александар) Вучиќ, бидејќи ако не беше тој, немаше да има и протести.

Срќан Шкоро пред насобраните граѓани им посака Среќна Нова година-без Вучиќ.

Протестот беше најавен како непартијски, но на него и овај пат учествуваа преставници на речиси сите опозицијски партии во Србија.

Организаторите на протестите ги повторија своите барања за расветлувањето на убиството на Оливер Ивановиќ, откривање на сторителите на нападите врз новинарите и опозициските личности, како и опозицијата да добие пет минути простор во Дневник на РТС. Кон овие барања беше додадено уште едно – смена на министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ.

Претходните три саботи без инциденти се одржаа протестни прошетки “Стоп на крвавите кошули” како одговор на нападот на лидерот на српската левица, Борко Стефановиќ во Крушевац, а слоганот “Еден од пет милиони” следеше по коментирањето на првата протестна прошетка, на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој рече дека нема да исполни ниедно барање на опозицијата, колку и да излезат на улиците да протестираат, дури ако се соберат и пет милиони луѓе и колку и да долго трајат протести.

Тој по третите протести прокометира дека „нема проблем со протестите, бидејќи секогаш излегувал посилен, а организаторите послаби“, како и дека „ќе ги сослуша само граѓаните, но не и опозицијата.“

Сите досегашни протести поминаа без инциденти и без видливо присуство на полицијата.

Организаторите најавија нови протести и наредната сабота на 5 јануари.

ФОТО: KOCA SULEJMANOVIC/EPA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...