Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за КОХА, на прашање на новинарот што планира да промени од актуелната политика на партијата кон Албанците, вели дека за ВМРО-ДПМНЕ во оваа држава нема граѓани од прв или од втор ред.
– Во оваа држава проблемите се исти за сите и маката која ја споделуваат граѓаните е иста. Минатата недела излегоа тетовчани на протест против коцкањето, рамо до рамо беа Македонци и Албанци, муслимани и христијани. Предходно излегоа на протест младите студентите, затоа што се протестира против корупцијата во високото образование. Тоа се реалните проблеми, кои не познаваат национална припадност. Ние можеме целото време да го посветме на политиката, но тоа нема да може да донесе појадок на трпезата, ама развиената економија може, а тоа е најважно. И ниту едно од овие политички теми не би биле актуелни, доколку би биле општество со развиена економија, добар живот, двоцифрен раст на иднустриското производство, развиени и квалитетни универзитети. ВМРО-ДПМНЕ ќе понуди концепт кој ќе ги реши реалните проблеми на сите граѓани. А животот е прекраток и треба да престанеме да ги губиме генерациите. Не смееме да си дозволиме уште една загубена генерација. Граѓаните треба да застанат против сите празни политики и голата реторика. Да поддржат решенија кои ќе дадат одговори на нивните реални потреби. Албанците, исто како и сите други треба да го кренат гласот против неправдите и црнилата кои ги опфаќаат и нив самите. Црнилата и тешкиот живот не е само за Македонците, тој е за сите граѓани. И ВМРО-ДПМНЕ подава рака за сите незадоволни, и од мене нема да чуете празна реторика, ниту пак исполнување на некакви големи сонови, но ќе видите беспоштедна борба за подобрување на стандардот на граѓаните, подеднаква борба која ќе го направи животот подобар – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.