За коњите и пратениците

Погледајте ги овие денови оние човечки суштества кои врескаат во потрага по собраниски привелегии; од една страна, тие својствени единки – формално правно – ги исполнуваат сите критериуми за да се занимаваат со пратеничките активности, а од друга страна, можеби нешто фундаментално не е во ред со тие критериуми, чим е возможно ваквите да ги исполнуваат?

1077

Ама, ако злото е веќе на светот, зошто да го правиме уште поголемо? Колку е тешко, колку е горко да се стане човек! Треба еден ден за да се стане сенатор, а десет години за да се создаде работник! Сепак, колку е грдо да се биде љубоморен! Да трпиш заради фантазија и оставштина! Ти си здрав човек. Ти не посакуваш ништо необично. Ти само сакаш да живееш и да бидеш среќен. Само тоа? Мојата несреќа е дека се’ разбирам. Пропушти прекрасна прилика да молчиш. Несигурноста секогаш те тера на размислување. Колку е горко да се биде во право и да се оди до крај.

Има ли во твојата душа нешто како солзи, тивко уточиште?

-Има А тоа е? – Презир.                                                                                                                                 

 Алберт Ками

 

Ја знаете онаа приказна за бахатиот и откачен Калигула ? – така барем велат книгите – император што поставил коњ за сенатор. Прав, вистински, четвороножен коњ. Од некаде навикнавме (од каде ли?) таквиот владетелски гест да го сметаме за надмен и самоодржлив безобразлук што за цел има да ги понижи останатите двоножни сенатори. Од друга страна, историјата не бележи дека наречениот коњ, ниту во својство на сенатор, ниту во својство на коњ, не и направил некаква штета на државата, ниту направил штета на било кому друг. Не се знае ниту дали употребил навредлив збор или пакосен гест, дали некого проколнал или гризнал, ниту дали sвекнал со копитото некој свој јазикоисплазен колега.

Се’ на се’, без разлика на намерите на Калигула, коњот со мирна совест и достоинствено движење излегува од оваа бизарна „симболичка трансакција“: ако не беше од некаква особена корист за државните работи, секако дека ниту одмогнуваше. Остана чист пред современиците и историјата: работеше во склад со своите можности, земаше (зоб во собранискиот ресторан) според своите потреби, без злоупотреби и непотизам. Всушност, ако можеби и се затекнал некаде кајшто не треба, тоа не било ниту негова волја, а богами ниту негова вина.

Знаете, со луѓето секогаш излегува многу покомплицирано отколку со коњите. Не можеш бре никако да се начудиш како всушност доспеале на некои места, а уште почудно е, како е бре возможно дека на мнозината тука ништо не им се чини чудно, туку сфаќаат дека тоа е се нормално и во најдобар ред со самото тоа што во сенатот не седи коњ, туку човек, дури и ако човекот, за разлика од коњот, чини се она што е недостојно и срамно, и што коњот никогаш не би го правел, нанесувајќи и’ активна штета на својата татковина, што од друга страна за коњското однесување е недостојно.

Погледајте ги овие денови оние човечки суштества кои врескаат во потрага по собраниски привелегии; од една страна, тие својствени единки – формално правно – ги исполнуваат сите критериуми за да се занимаваат со пратеничките активности, а од друга страна, можеби нешто фундаментално не е во ред со тие критериуми, чим е возможно ваквите да ги исполнуваат?

Што би рекол самокритичниот Гручо Маркс: „Не сакам да бидам член во ниеден клуб што некој ваков како мене би посакал за член“. Само што овде, кај овие наши пратеници, ваква отмена самокритика нема ниту за лек.

Погледајте ги оние изјави на пратениците, и погледајте ги оние самопрегорни изјави за зачување на нивните бенефиции, патни трошоци и останати душоугодувања. Сигурен сум дека никој од нив не зборува за туѓите интереси, потреби, побарувања, сите зборуваат само за себе, за својот задник, за своите интереси, за своите потреби и за своите побарувања. Знаете, повеќе од половина се безгласни букви, обични тастери, безимени никој и ништо во своите средини; тоа е оној двоножен „чекор на мудроста“ што расправа во Собранието на Македонија за решавање на „белата чума“, европската и светска политика, суверенитетот на граѓаните и останати трици и шлајшупки, а најчесто кога зборува, мисли на себе, на својот суверенитет и своите бенефиции. Таквото двоножно животинче се нарекува пратеник. Да се бориш во Собранието за граѓаните, за нивните човечки права и слободи, тоа за нив претставува помодна измислица со која не труе Западот.

Сите тие пратеници во Собранието се дојдени од листите на своите партии. Зошто да не? Висока позиција, фина платичка, автомобил, канцаларија, секретарка; нека молчи и крцка фина синекура во име на Милоста Божја.

Ама, не сакаш ти решенија: не е нашиот човек глупав па да не ја искористи ситуацијата, да не отиде во „висините на државата“, па да не ја искористи приликата, башка се борел за Македонија, бара мајчиниот заслужено признание (кое до сега му бегало на задоволство на завидливите, сплеткарошите и воопшто, „отуѓените центри на моќтта“), па дури попатно и’ ќе предложи нешто во корист на татковината!? Па, ви се молам, каков би бил тоа човек ако цело време си го гледа својот личен интерес?

Погледајте што изјави претседателот на Собранието Џафери пред некој ден:

„Не може некој да биде пратеник, а потоа да брка по контењери“? Оваа изјава е така потценувачка, така штеточинска. Кој да биде виновен за тоа кога ги земаат од „контењери“, не вистински, туку оние лабараториски, за да бидат послушници, обични тастери за поминување на закони со „европско знаменце“?

Или можеби овие изјави му одат во прилог на еден партиски мобилизациски карневал за претстојните претседателски избори? Малку ќе притегнеме, малку ќе попуштиме, и сите овчички на број, спремни да го пречекаат изборот во следната понуда?

Кога ќе размислам подобро, сенаторските работи кај императорот Калигула беа многу поедноставни. Тој наивец не се сетил на ништо друго освен на опасниот коњ! А коњот е мило и племенито животинче, и во принцип е многу свесно за своите лимити, затоа што е паметно. Има и паметни луѓе, а најпаметните се оние кои „знаат дека ништо не знаат“. Таквите ги облагородуваат нашите животи. А оние кои знаат се’, најчесто ги ставаат на високи позиции, бидејќи и тие, за жал, мора нешто да работат.

(Колумна во „Слободен печат“)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...