Решението на таканареченото македонско прашање е во корист и на Грција, под условите што се однесуваат на иредентизмот, на обезбедување на границите и на сложено име за севкупна употреба (ерга омнес), вели грчкиот алтернативен министер за одбрана, Фотис Кувелис во интервју за весникот „Real news“. Според него, решението треба да биде со Меѓународен договор, но пропратен со уставни промени.
-Еден меѓународен договор, со заведени обврски во врска со иредентизмот, од многу аспекти, во врска со оспорувањето на границите, со името, е со надуставно влијание на сегашниот или иден Устав. Секако, ревизијата на Уставот на ПЈРМ и усогласувањето со условите од меѓународниот договор ќе биде обврска кон меѓународното право – вели грчкиот алтернативен министер за одбрана.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, Кувелис смета доколку прашањето остане нерешено постои опасност од експанзија на Турција и додава дека Грција може да придонесе за стабилноста во регионот.
-Да земеме предвид дека нерешавањето ги храни опциите со турскиот експанзивен карактер, која покажува „интерес“ за турското и муслиманското население во регионот, за да развие нејзино влијание. Да го земеме предвид дури и истакнато расположение од политичките сили во регионот за создавање „Голема Албанија“, вели Кувелис за весникот „Real news“ – пренесе МИА.
Алтернативниот министер за одбрана, кој во министерството е заедно со лидерот на Независни Грци и коалиционен партнер во владата, Панос Каменос, вели дека неговата позиција не е ниту поврзана,ниту зависи од позицијата на Независни Грци.
Кувелис, додава дека е избрзана проценката, дури и хипотетички, дека еден можен договор за името, ќе резултира со повлекување од владата на партијата на Каменос.