Како Катица да да си ја врати довербата кај првиот полицаец Оливер? Таа почнала да се смалува, откако пастир Груевски заврши во топлите прегратки на неговиот унгарски ортак Виктор Орбан? Таа се смали дефинитивно во очите на Оливер, откако до вчера култната, омилена специјал-обвинителка најави замена на Шутка-притворот за легендраниот Мијалков со домашен?
Има два поденкаво добри начина со кои може да се послужи Катица во, донекаде, очекувани околности. Тие два начина имаат врскa со сè почестите политички акробации на премиерот Заев кој, барем засега, избегнува да каже нешто неубаво на адреса на Јанава, макар што изгледа дека зборовите на Оливер се длабоко проникнати од духот и мислата на Заев. За секого е веќе јасно дека тој дух и таа мисла се во власта на еден ултрапрагматизам кој диктира политички потези по наум и волја на намќорот „мора“ (непопуларни), а на штета на едно милолико „треба“ (пожелни) кои ќе го стабилизираат неговиот авторитет во очите на јавноста за да го смалат оној на ултрапатриот Мицковски. Тој веќе, според некои анкети, му дише во врат.
Првиот начин е Катица под итно да научи да ги чита мислите на нашиот прв полицаец и, откако благовремено ќе разбре што велат, што очекуваат и, особено, што и препорачуваат, да постапи токму онака како што мисли, очекува и препорачува првиот полицаец на РМ, десна рака на Заев.
Лоша страна на тој начин е тоа што тешко се влегува во било која глава, а камоли во главата на прв полицаец. Нели, уште од времето на Маркс, се знае дека главата е тврдина која најтешко се освојува? Добра страна на тој начин е тоа што е невидлив за јавноста па така, таа разјарена јавност нема да разбере дека обвинителството работи по мисли и директиви на полицијата. Иако, според законот, обратното треба да биде.
Вториот начин е Катица да прибегне кон некој вид тесна соработка на дневна основа со Оливер кој, нели, веќе загубил доверба? Тој начин беше стил и манир на некогашниот Зврлевски. Од некои свои „прагматични“ побуди тој и се стави, со своите славни „задачки“, на услуга на некогашната прва, златоусна полицајка Јанкуловска која според нашите за мерак демократски закони требало да му биде на услуга на Зврле.
Лоша страна на тој стил и манир е тоа што некои ќе видат континуитет на деспотскиот груевизмот под маската на толерантниот, демократски заевизам. Добра страна ќе биде тоа што Оливер ќе си ја врати довербата во Катица од времето кога се борел да се направи суд што нема да работи по „задачки“ на тајната или јавна полиција, туку по закон „кој важи за сите.“
Безбели, ќе се најдат и некои такви, особено во редовите на оние угледни ликови кои го обликуваат јавното мнение и кои веќе гласно зборуваат на некои „хаотични“ политики на премиерот (иако тој „хаотизам“ донекаде го ублажуваат кога велат дека, помалку или повќе, сите сме се „лајносале“), такви ликови кои уште утре ќе ви речат дека сега, првиот полицаец посега по благовремено алиби во случај, задутре да фатат магла било Камчев, било Мијалков и да станат така недостапни за раката на правдата.
Таа можност не е гола фантазија. Таа е добра извесност за ликови од форматот на Мијалков и Камчев. Имаат не само големи пари, добра логистика и негибнати инсталации, ако не и во полициските структури на Спасовски за кои секако нешто знае. Иако, најверојтно, сега нема начин да излезе на крај со нив откако, како и нашиот премиер, галантно го пропушти неопходниот тримесечен „јакобински“ (Фрчковски) тајминг за да го сосече во корен сето тоа што требало да се сосече. Таа можност сега виси како дамаклов меч врз полицискиот врат на Спасовски. Во такви околности тој брза да се обезбеди колку што може во случај да дојде до реприза на сценариото со пастир Никола.
Просто речено кога полицијата, низ устата на нејзиниот прв човек си зема слобода и право да ја критикува практиката на судска инстанца каква што е Специјалното обвинителство, кога инстанцата полиција (барем теоретски во власта на наезависното судството) згора на тоа не пропушта да изјави дека таа може да работи само по налог и директива на тоа судство, само од себе се разбира дека може и мора да отвора уста во јавноста по налог и директива на истото судство. Тоа што во овој конкртен случај првиот полицаец не само што не постапува така, туку и критикува конкретни практики на тоа судство зборува не само за некоја нервоза (ако не и паника) кај тој полицаец, туку и за очигледен страв од излезот на Мијалков од Шутка. Оти, зошто сега и зошто толку остро, со ѓон Оливер кон Катица која намислила да го вади Сашо од Шутка?
И не само тоа. Зборува уште, на особен начин, дека полициската држава, макар срамежливо, дига глава кога проценува дека правната сè уште не врши работа како што треба. Ете, и тоа некако добро оди со ултрапрагматизмот на Заев кој силно мириса на озлогласениот језуитизам.