Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски и градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денес извршија увид во градежните активности на локацијата во близина на улицата “Герника” во селото Драчево, каде се наоѓа последната постојка за автoбусот бр.41. И покрај бројните апели на локалната самоуправа, несовесни граѓани на оваа локација постојано масовно фрлаа отпад и создаваа депонија. Општина Кисела Вода одлучи ова место да го облагороди и култивира, односно на оваа локација да изгради парк кој ќе биде пријатно место за одмор и рекреација на жителите од овој дел од градот.
– Најпрво благодарност за брзата интервенција и на Градот Скопје и на ЈП Паркови и зеленило за оплеменувањето на овој простор, за расчистувањето на дивите депонии кои го уништуваат јавниот простор во општината. После чистењето на овој простор, тие учествуваа во зазеленувањето, а ние поставуваме урбана опрема на територијата на овој парк. Наша заложба е до крајот на мандатот во секоја месна и урбана заедница да направиме по еден ваков парк кои ќе служи за интеракција на нашите сограѓани, а нормално и да ја зазелениме нашата општина, Кисела Вода и секако, градот Скопје – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски, упатувајќи апел до сите жители за совесно однесување и за грижа за јавниот простор.
Екипите на Град Скопје деновиве работат на уредување нова зелена површина од околу 5.500 квадратни метри во Драчево.
– Просторот кај последната постојка на автобусот со број 41 хортикултурно го уредуваме. На оваа локација се засадија 200 висококвалитетни садници, а дополнително ќе биде поставена нова хидрантска мрежа во должина од 800 метри со 85 прскалки и 13 шахти и хидранти. Во паркот ќе се постават и нови клупи и корпи за отпадоци. Ова е уште еден парк на површина којашто претходно беше запоставена и затрупана со ѓубре. Сега, граѓаните на Драчево и на Кисела Вода ќе имаат уреден зелен простор за рекреација и дружење на отворено – рече на денешната прес-конференција скопскиот градоначалникот Петре Шилегов.
Зазеленувањето останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје.
– Ќе ја искористиме и пролетта да го обновиме загубеното зеленило и да им обезбедиме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка која непосредно влијае на здравјето на сите сегашни и идни генерации – нагласи Шилегов.