Се изнагледавме турбуленции и вратоломии околу уставните измени. А можеше да биде поинаку!
Во 2000-та година бев вклучен во процесот, кога тогашната Влада на Љубчо Георгиевски беше пред затворање на проблемот со Грција, околу нашето име. Договорот беше неспоредливо различен и подобар од сегашниот. Северна Македонија како замена за БЈРМ, само за надворешна употреба, без менување на Уставот, без менување на Република Македонија за внатрешна употреба… Воопшто не се разговараше за јазик, нација, затоа што тоа и не беше тема на разговорите. Тогашното раководство на СДСМ не сакаше ниту да чуе за ова решение, јавноста беше категорично против, се случи конфликтот, широка Влада, се пропушти шансата да се затвори проблемот, на, за нас, позитивен начин.
По 18 години, проблемот се затвора… Оти море луѓе не го послушавте Љубчо тогаш? За овие 18 години Македонија веќе ќе беше и во НАТО и во ЕУ! Дури и пред Хрватска!
Не нѐ послушаа и за амнестијата!
А таа можеше да биде помалку болна и далеку понавремена. Сега се мачи целото општество, а сѐ можеше да биде подобро изведено.
Денес се потсетувам на изјавите на Љубчо Горгиевски кој пред три години, им даде совет на власта (ВМРО-ДПМНЕ) и опозицијата (СДСМ) да се договорат за амнестија! Ама Грујо и екипата не се даваат! Се плашат од затвор! Но, ако тогаш го послушаа за амнестија, ќе ја спасеа Македонија од две години неизвесност, протести, Пржински маратонски состаноци, уништување на економијата, бегање на постоечки и потенцијални инвеститори…
Не послушаа тогаш ниту едните, ниту другите!
И еве ја сега пак амнестијата! После 3 години. И пак ќе прашам: Оти море луѓе не го послушавте Љубчо тогаш?
Не мора да го играте, оти мислам дека и тој не сака да си игра со вас, ама барем послушајте го што кажува!
Послушајте ја ВМРО-НП, тоа е партија која знае да гледа понапред!