Владата да го врати фокусот на реформите во медиумите, вклучително во делот на навредата и клеветата повика претседателот на Здружението на новинарите на Македонија Младен Чадиковски.
ЗНМ за таа цел денеска промовираше документ со јавни политики „Навредата и клеветата како дел од медиумските реформи“, кој идентификува подетални насоки и препораки каде би требало да се движат можните законски и други интервенции.
– Публикацијата дава подетални насоки и препораки каде да се движат можните законски интервенции во оваа област во Македонија. Во Македонија тужбите за навреда клевета со право се сметаат за инструмент на притисок врз новинарите и медиумите особено во контекстот на заробената држава што провејуваше во многу извештаи на ЕУ досега – изјави Чадиковски.
Посочи дека навредата и клеветата иако добија значаен дел во меѓународните извештаи Владата ги остави настрана реформите на медиумите, вклучително и на ова прашање.
Публикацијата „Навредата и клеветата како дел од медиумските реформи“ ќе биде доставена до сите медиуми вклучително и до Министерството за правда со цел да придонесе во регулирањето на оваа сфера.
Според Дејан Ѓоргиевски, авторот на публикацијата, многу често заканите за клевета и навреда се користат да се спречи дебата во јавноста и затоа со реформите е потребно да се намали потенцијалот на клеветата и навредата.
Ѓоргиевски посочи дека во публикацијата се идентификувани две препораки и тоа одвојување на навредата и клеветата во законските одредби и намалување на потенцијалот на „стратешки тужби за спречување расправи“ односно, како што рече, да се намали потенцијалот заканите за тужба за клевета да се користат само како алатка за запирање на понатамошна објава во медиумите.