Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство Скопје денеска испратиле мислења за останатите барања кои стигнале од обвинети, осудени и осомничени лица за настаните од 27 април. Вкупно од двете обвинителства дадени се позитивни мислења за само четири барања, а за 50 негативни. Конечната одлука ќе ја има судот.
– Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ги достави мислењата по преостанатите 17 барања за амнестија. Дадено е позитивно мислење по 3 барања. Мислење дека лицата кои побарале амнестија не ги исполнуваат условите согласно Законот за амнестија е дадено во 14 случаи. Со тоа, од вкупно примени 29 барања за амнестија, доставени од надлежниот суд, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција даде позитивно мислење по 15 барања за амнестија, а за другите 14 дадено е мислење дека по барањата не се исполнети условите од Законот – велат од Обвинителството.
12 мислења кои оттаму во судот ги испратија вчера беа позитивни, а за 10 веќе се произнесе и судот кој одобри амнестија. Меѓу овие 10 лица се и петмината пратеници.
– Основното јавно обвинителство Скопје, пак, постапуваше по 37 барања за амнестија. Денеска по сите е испратено мислење до Основниот суд Скопје 1 Скопје. Во еден случај надлежен обвинител има дадено позитивно мислење за примена на одредбите од Законот за амнестија. За другите 36 лица, мислењето од надлежните јавни обвинители кои постапуваа по предметите е негативно – велат од Обвинителството.