Протестира администрацијата во Клинички

245

Самостојниот синдикат при Клиничкиот центар вчера постигна договор за зголемување на платите за медицинските работници.

Во Клиничкиот центар се случува протест на административните работници ангажирани во клиниките. Тие се разочарани бидејќи оваа одлука за покачување на платите за нив не важи.

Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар и министерот за здравство, Венко Филипче, вчера се договориле со јануарската плата да има зголемување за докторите од 5 до 10 отсто, а за медицинските сестри, акушеркки, лаборанти, рендген техничари, болничари, транспортери и друг персонал зголемување од 8 отсто.

Претседателот на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар, д-р Горан Беговиќ, изрази задоволство од постигнатиот договор, односно дека договориле лекарите специјалисти и универзитетски професори да добијат зголемување на платите од 10 отсто, а на докторите по општа медицина и докторите кои се на државна специјализација и се вработени на клиниките да им се зголемат платите за 5 отсто.

Повисоки плати за 5 отсто ќе добијат и здравствените соработници како психолози, логопеди, биолози и дефектолози.

– За здравствените работници со средно и високо образование, во кои спаѓаат медицински сестри, лаборанти, акушерки, радиолошки техничари договорено е покачување од 8 отсто, а 8 отсто зголемување на платите ќе има и за болничарите, транспортерите и останат помошен персонал. Административните работници покачување на платите од пет отсто ќе добијат во септември. Нашата администрација  договоривме да остане во рамки на клиниките, бидејќи се обучени да работат според дијагностичко-сродните групи – вели д-р Беговиќ.

На завчерашните преговори со Гранковиот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита било договорено докторите да добијат покачување на платите од 10 отсто, а медицинските сестри 5 отсто.

Министерството за здравство соопшти дека оваа година ја завршува со успешни преговори и со двата синдикати и дека 2019 година ја почнуваат со зголемување на платите и на лекарите и на медицинските сестри.

– Во постојана комуникација сме со синдикатите, а идната година продолжуваме со интензивна соработка. Задоволен здравствен работник значи успешно здравство. Правиме сѐ што е во интерес на граѓаните и пациентите – велат од Министерството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...